Остануваат и без работа и без здравствено осигурување. Законски небулози за невработени
Подготвил:
Наташа Бошковска-Златкова
Лектор:
Ивана Кузманоска
Засега институциите молчат околу тоа дали ќе се променат ваквите правила, кои се проблем за дел од семејствата во кои никој не работи и немаат право на државна помош
Александар А. неодамна остана без работа. Сега нема здравствено осигурување, ниту тој, ниту невработената сопруга, ниту, пак, нивното едногодишно дете. За да има право да се лекува на државен трошок, ова семејство мора секој месец да плаќа за осигурување. Проблемот е во тоа што платата на Александар лани била повисока од 12.000 денари месечно, па сега, иако нема примања, ниту еден член на семејството не може да се лекува на трошок на Фондот за здравствено осигурување.
Ова семејство, а и други како него, не може да најде пари за осигурување и се надева дека никој нема да се разболи зашто во тој случај ќе треба приватно да се плати лекувањето. Засега институциите молчат околу тоа дали ќе се променат ваквите правила, кои се проблем за дел од семејствата во кои никој не работи и немаат право на државна помош.
Чекаат да станат итни случаи
Оваа законска небулоза трае неколку години и цела група луѓе ги става во состојба на здравствен ризик. Тие не плаќаат за осигурување на семејството зашто немаат од каде да обезбедат пари. Не одат на превентивни прегледи зашто за нив ќе треба да платат, а кога ќе се разболат, се појавуваат на лекар само доколку се итни случаи.
- Ако, не дај боже, некој многу сериозно се разболи, ќе се пријавиме и ќе платиме осигурување. Секако, живееме со позајмени пари додека сме без работа, а така пак ќе позајмиме и долгот само ќе расте – вели Александар.
Може да им се олесни ситуацијата ако по два истечени месеца се покаже дека приходите во семејството во текот на тие два месеца биле помали од околу 24.000 денари, здравственото осигурување ќе падне на товар на државата. Но тоа не важи ако претходната година имало годишен приход поголем од 204.480 денари. Или, ако еден работел и земал плата просечно поголема од 17.000 денари месечно.
Доколку за некоја болест навреме се појде на лекар, лекувањето е поевтино, а и шансите дека ќе оздравите се поголеми. Чекањето создава можност да се искомплицира здравјето, па лекувањето да чини многу, а да се намалат можностите за оздравување. Тоа е неповолно и за пациентот, а голем ризик и за државата, која секако ќе плати повеќе кога во тој момент болниот би се осигурил, а е веќе сериозно разболен.
Министерството молчи
Предлагачот на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, кој го регулира ова прашање, Министерството за финансии, и покрај тоа што помина подолго време, не ни даде одговор на прашањето дали планира да се смени ваквото законско решение.
Прецизно, според годинешните лимити за здравствено осигурување, ако во семејството во претходната година имало нето-приход до 144.000 денари – здравственото осигурување е на товар на државата. Ако приходот бил од 144.000 до 204.480 денари и ако во последните два месеца оствариле вкупен приход помал од 24.000 денари – здравственото осигурување е на товар на државата.
За приход од 144.000 до 204.480 денари здравственото осигурување го плаќа осигуреникот во износ од 50% од просечната плата, односно плаќа 1.244 денари месечно придонес. За приход над 204.480 денари – здравственото осигурување го плаќа осигуреникот во износ од 100% на просечната плата, односно плаќа 2.488 денари.
Како приходи на семејство се сметаат личните и приходите на членовите на носителот на здравственото осигурување (брачен другар, деца).
Инаку, доколку се утврди дека осигуреното лице спаѓа во друга категорија со повисок приходи, а не пријавило дека има приходи и користело здравствени услуги, Фондот по службена должност ќе донесе решение за престанок на својството на осигурено лице, со што му се укинуваат правата од задолжителното здравствено осигурување, освен правото на итна медицинска помош.