Задолжителен депозит за коронавирус од 3.000 долари за сите туристи во Камбоџа
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Државите почнуваат да ги отвораат границите за туристите, а некои нудат попусти и парични олеснувања за да привлечат повеќе посетители. Камбоџа има различен пристап со оглед на тоа што властите неодамна изјавиле дека од туристите ќе бараат депозит за коронавирус од 3.000 долари, како и доказ за здравствено осигурување вредно барем 50.000 долари.
Депозитот за коронавирус ќе се плаќа во готовина или со кредитна картичка при пристигнувањето на кој било од аеродромите. Депозитот треба да ги покрие сите потенцијални трошоци за Ковид-19 што туристите може да ги предизвикаат во земјата.
Фото: Pexels
Министерството за здравје направило и листа со можни трошоци. Оваа мерка е сосема различна од она што премиерот на државата го најавувал во март. Имено, премиерот Хун Сен тогаш велел дека болниците во земјата бесплатно ќе ги лекуваат туристите што имаат Ковид-19.
Според податоци од министерството, задолжителниот тест за Ковид-19 може да чини околу 165 долари, во што се вклучени трошоците за патување до центарот за тестирање и оброците и престојот во хотелот во кој мора да се чекаат резултатите. Цената за 14-дневен карантин би чинела околу 1.281 долар за човек. Овие трошоци би биле платени од депозитот на патникот доколку некој друг на истиот лет е позитивен.
Фото: Pexels
Од депозитот ќе се плаќа и престојот во болницата од страна на
патниците што ќе се заразат со Ковид-19, а цената за еден ден чини просечно 330 долари. На листата има и трошок за погреб во случај на смрт поради коронавирусот, кој би чинел околу 1.500 долари. Доказот за здравствено осигурување се бара во случај трошоците на патникот заразен од Ковид-19 да ја надминат сумата од 3.000 долари.
Оние патници што ќе добијат негативен тест ќе треба да платат само за тестирањето и депозитот ќе им биде вратен. Камбоџа досега потврдила 128 случаи и ниту еден смртен случај поврзан со Ковид-19.
Автор: Софи-Клер Холер
Извор:
insider.com