По скалилата на успехот со Славе Николов: „Олимписките игри во Париз ни се следна цел и со тоа можеби ќе бидеме единствени судии со четири олимписки игри“

По скалилата на успехот со Славе Николов: „Олимписките игри во Париз ни се следна цел и со тоа можеби ќе бидеме единствени судии со четири олимписки игри“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Да се биде дел од овие натпреварувања, рамо до рамо со најдобрите, не се опишува тоа чувство, особено затоа што доаѓаме од една мала држава како Македонија и секогаш сме морале да поминуваме низ трнлив пат до успехот, вели Славе Николов

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Славе Николов и Ѓорѓи Начевски веќе 19 години се судии кои се дел од сите светски спортски настани во ракометниот свет. А подобар доказ за нивниот квалитет всушност нема. Немаат пропуштено ниту едно големо натпреварување, без разлика дали станува збор за младинско, сениорско, машко или женско натпреварување. Светски првенства, европски, купови, Лига на шампиони... На илјадници натпревари имаат судено. Спортските експерти за нив велат дека се број еден во моментов, не само во Европа, туку и во светот, па повеќе од заслужено се во ова друштво.



Да ја претставиме Македонија во најдобро светло


- Мојата кариера почна во 1991 година на 15-годишна возраст, на колегата Ѓорѓи Начевски во 1994, а на меѓународна сцена во 2005 година кога положивме за ЕХФ и 2006 за ИХФ категорија. По одење во судиска пензија на судискиот пар Марјан и Драган Начевски и нивото реноме во меѓународниот ракомет, ни се отвори голема шанса да бидеме дел од европските и светските натпреварувања. Од 2005 година до денес немаме отсуствувано од големите натпреварувања - ни сподели Славе.

Тој издвои дел од големите натпреварувања на кои учествувале досега. Почнувајќи од 2006, го судеа Европско јуниорско првенство, а во 2007, 2008, 2009, 2010 судеа на светски јуниорски првенства. Во 2011 на прво Светско сениорско во Шведска, во 2012 на Европско Србија, во 2012 на Олимписки игри во Лондон. Во 2013 на Светско во Шпанија, во 2014 на Европско во Данска, во 2015 на Светско во Катар, на 2016 на Европско во Полска, во 2016 на Олимписки игри во Рио, во 2017 на Светско во Франција, во 2018 на Европско во Хрватска, во 2019 на Светско во Данска и Германија. Во 2020 на Европско во Шведска, а судеа и во финалето. Во 2021 беа дел од Светското првенство во Египет, во 2021 Олимписки игри во Токио, исто така, беа дел од финалето. Во 2022 на Европско во Унгарија, во 2023 на Светско во Шведска и повторно главни судии во финалето. Имаат судено и две африкански првенства во Тунис и Египет каде што го дадоа својот суд повторно во финалето. Беа дел од едно азиско првенство, а на два супер глоба беа судии во финалето. Во 2008 во финале на куп победници на купови, 2012 финале ЕХФ куп, три пати Ф4 Лига на шампиони, СЕХА лига, WRHL женска регионална лига.



- Како што играчите имаат сон да бидат најдобри, така и ние судиите го имаме истиот сон да бидеме најдобри меѓу најдобрите и тоа нѐ водеше да ја постигнеме оваа богата кариера со многу врвни натпреварувања. Да се биде дел од овие натпреварувања, рамо до рамо со најдобрите, тоа чувство не се опишува, особено затоа што доаѓаме од една мала држава како Македонија и секогаш сме морале да поминуваме низ трнлив пат до успехот. На многу наврати сме биле обесправени да судиме што сме заслужувале, но никогаш не успеале да нѐ натераат да се откажеме од нашата цел. Секогаш сме се труделе да ја претставиме нашата земја во најдобро светло и да докажеме дека сме најдобри - вели Николов.

Во спорни ситуации брзо се реагира

Како што се подготвуваат спортистите, така и тие имаат план и програма за тренинзи кои се следени од европската и светската ракометна федерација.



- Пред секое големо натпреварување, за да можеш да учествуваш, мораш да поминеш неколку тестови, како што се „Шатл ран тестот“, „Руле тест“ и „Видео тест“. Ако еден од овие тестови не го положиме пред самото натпреварување, немаме право да учествуваме. Затоа мора во секој момент да бидеме подготвени. Најголемите грешки на судиите на овие натпреварувања се обично кога ќе се дојдат - споделува тој.

Секогаш кога има некоја спорна ситуација, мора да се реагира навремено и брзо да се донесе одлука за да се добие впечаток дека си сигурен во одлуката, вели Славе.

- Секое подолго размислување влева несигурност во одлуката и сомнеж за исправноста. Искуството од многуте тешки натпревари ни дава знаење како да се справуваме со ваквите ситуации и да донесеме правилни одлуки. Кога се одредува кој ќе го суди натпреварот, прво се проценува тежината на натпреварот, па се одбираат парови кои се погодни за тој натпревар. Потоа се гледа и неутралноста на судиите, се гледа кои држави или клубови играат и се одбираат обично судии од друг континент или ако се двете од истиот континент, тогаш е можно и судиите да бидат од истиот ако се работи за светско првенство. Но секогаш најбитен критериум треба да биде квалитетот – подвлекува Славе.



Според него, досега најкоментирана одлука е кога во финалето на Европско првенство во Шведска во 2020 година, помеѓу Шпанија и Хрватска, на резултат од еден гол разлика, во последната минута за Шпанија, а во напад беше Хрватска, му досудивме чекори на Игор Карачиќ, па се крена голема прашина дали биле или не, но по прегледот на снимката сите увидоа дека направи 5-6 чекори и со тоа се докажаа нашата неутралност и квалитет во ваквите натпревари - раскажува Славе.

Најзначајни моменти во кариерата им се учеството на олимпијадите и финалето во Токио, како и финалето во Шведска на Европско првенство и финалето на Светското првенство 2023 во Шведска.



- Олимписките игри во Париз ни се цел и со тоа можеби ќе бидеме единствени со 4 олимписки игри. По сите овие натпреварувања, реално е да се очекува да бидеме дел и од овие олимписки игри. Следно што нѐ очекува е плејоф од домашното првенство, кое е многу возбудливо оваа година, како и завршните натпревари од СЕХАН лигата. Желба и цел ни е оваа сезона да ја завршиме со финале на Ф4 натпреварите од Лигата на шампиони, кое единствено ни недостига за да ги заокружиме сите можни финалиња и со тоа да напишеме историја која ретко кој ја имал во својата кариера - вели Николов.

Фото: приватна архива