Исланд нуди интересно решение за да го намалите стресот предизвикан од пандемијата
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Ако пандемијата на Ковид-19 ви предизвикува фрустрации,
Исланд има ново решение што ќе ви помогне да го намалите стресот. Имено, оваа земја бара од луѓето низ светот да ги снимат вресоците на фрустрација додека се на некоја оддалечена локација со помош на огромни звучници.
Иако звучи чудно, иницијативата се заснова на примарна терапија што работи според принципот дека врескањето може да ви помогне да се ослободите од фрустрациите и вознемиреноста со тоа што ќе ја ослободи акумулираната емоција во вас. Одборот за туризам на Исланд стои зад оваа иницијатива, која е наречена „Дозволете да излезе“. Вели дека исландските прекрасни, широко отворени пространства се совршеното место за луѓето да се ослободат од фрустрациите. Ако луѓето ги снимат своите вресоци преку веб-страница, Исланд ќе ги пушти на локации како врвот на Фестарфајл на полуостровот Рејкјанес, островот Видеј во Рејкјавик и водопадот Скоугафос.
Врескањето е терапевтска алатка која била развиена во 70-тите години како начин човек да се ослободи од акумулираните емоции, вели психотерапевтот Зои Астон.
- Она што не го сфаќаме е дека психолошкиот одговор за нашата желба за врескање осветлува дел од нашиот мозок наречен амигдала. Амигдалата се активира кога сме под закана, нешто што сите го искусивме во изминатите неколку месеци. Дел од благотворниот ефект на оваа терапија доаѓа од можноста да се создаде гласна врева во широк, отворен, непречен простор. Ова буквално ѝ овозможува на вашата амигдала да го ослободи акумулираниот стрес - вели Зои Астон.
ТУКА можете да дознаете нешто повеќе за иницијативата „Дозволете да излезе“.
Фото: Pixabay