Овој град ја гради најголемата метрополска шума во Европа
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Властите на Мадрид сакаат да го направат градот уште позелен со создавање на најголемата метрополска шума.
Шумата наречена „Ел Боско метрополитано“ (Метрополска шума) ќе биде новите бели дробови на Мадрид со повеќе од 450.000 дрвја и друга вегетација. Таа е дел од планот познат како „Мадрид 360 степени“, серија мерки со кои градските власти се обидуваат да го подобрат квалитетот на воздухот и да ги ограничат штетните емисии според барањата на Европската комисија.
Шумата ќе се протега по 75-километарскиот еколошки појас околу периметарот на Мадрид, со нови паркови, детски зони, патеки за кучиња, како и патеки за велосипедисти и пешаци. Првите дрвја ќе бидат посадени во октомври и ќе вклучуваат домашни видови, како што се диви маслинови дрвја, врба, брест, рузмарин, мајчина душичка, јаготки, смреки и други видови грмушки.
Фото: Freepik.com
Мадрид располага со мноштво зелени простори. Речиси 45 отсто од градот се покриени со зеленило, а јавните паркови како Каса де Камп, Парке дел Буено Ретиро и Мадрид Рио се неверојатно популарни и меѓу мештаните и меѓу туристите. И покрај тоа, аерозагадувањето е голем проблем за градот, особено дизел-возилата кои се одговорни за повеќето емисии со висок ризик.
„Ел Боско метрополитано“ е долгорочен проект што ќе се развива 12 години и откако ќе биде завршен, се предвидува дека ќе апсорбира 170.000 тони штетни емисии годишно, ќе го подобри биодиверзитетот, ќе го намали звучното загадување и ќе дејствува како термички регулатор за градот.
Фото: Freepik.com