Што да правам со ваучер од 34.000 денари кога не можам да го искористам за екскурзијата догодина? Студенти се жалат за пропаднатото апсолвентско патување

Што да правам со ваучер од 34.000 денари кога не можам да го искористам за екскурзијата догодина? Студенти се жалат за пропаднатото апсолвентско патување

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Група студенти се жалат затоа што целата уплатена сума им е вратена во вид на ваучер, други се презадоволни од услугите на агенциите


Група студенти велат дека се оставени на цедило и немаат поддршка од државата да им се вратат парите уплатени за традиционалната апсолвентска екскурзија која не беше реализирана поради пандемијата на Ковид-19. Тие велат дека со Уредба на Владата агенциите им издаваат ваучери од вкупната уплатена сума, а не само дел од реалните трошоци како што беше најавувано пред вонредната состојба. Упатените во работата на туристичките агенции, пак, велат дека апсолвентските екскурзии се најмал проблем. Ако државата ја укине помошта за овој сектор, најпогоден од кризата, 90% од туристичките агенции ќе одат под стечај. Граѓаните нема да можат да ги искористат ниту ваучерите за кои во моментот гарантира државата.




Студенти што ја уплатиле вкупната сума за апсолвентската екскурзија сметаат дека се оштетени бидејќи нивните колеги што се откажале од патувањето на почетокот од март биле обесштетени според потпишаниот договор, агенциите задржале одреден процент, а парите им ги вратиле на трансакциска сметка.

- Свесни сме за пандемијата и дека треба да имаме разбирање за целата ситуација. Никој не го очекуваше ова. Но, јас сум студент и најчесно ја уплатив целата сума уште пред Нова година. Што да правам со ваучер од 34.000 денари? Не можам да го искористам за екскурзијата догодина – ниту е тоа мојата генерација ниту ќе можам да патувам бидејќи ќе бидам вработен - вели студент на ФИНКИ, чие име му е познато на редакцијата.

Претставници на туристичката агенција велат дека овие ваучери може да ги искористат на повеќе начини – наеднаш, да го поделат со колега или партнер/ка, или да се организираат со поголемо друштво, па да си ги пребијат трошоците. Има опција парите да се поделат и за неколку пократки патувања. Уредбата од Владата ги обврзува да не враќаат пари, туку ваучери во износ на уплатената сума. Сепак, упатените велат дека ова е најголемиот проблем што претстои. Секторот туризам е во колапс. Ако државата не продолжи со субвенциите од 14.500 денари за вработен, малите агенции ќе стават клуч на врата, а сите ваучери ќе пропаднат.



Студентка на Филозофски факултет, која исто така ја уплатила целата сума од 34.040 денари за апсолвентската екскурзија, објаснува дека на 27 април добила порака од агенцијата да испрати лични податоци. На 30 април добила уште една порака-потсетник, а веќе на 11 мај и е-порака со ваучерот и рок од 7 дена да го потпише и испрати.

- Не сакав да ја изгубам и таа можност, па го потпишав ваучерот. Сепак, мислам дека би било најсоодветно за сите да ни вратат 10.000 денари како ваучер, а останатите пари на сметка - вели таа.

Мартин Бојмалиев е студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Тој имал уплатено 10.000 денари, а за тоа добил ваучер. Тој вели дека студентите бараат да добијат ваучер само за сумата на реални трошоци, а не во вредност од целата сума - 34 илјади денари.
- Апсурдно е државата да поддржува невраќање на 24 илјади неискористени трошоци, а меѓувреме да нѐ стимулира со картички од 50 до 100 евра. И сето тоа во криза за време на Ковид-19. На неколку наврати, студентите што се јавија до агенцијата беа информирани дека единствен начин за парите е ваучер согласно законското решение кој јас сметам дена не е исправно, ниту морално. На некој начин Владата ги остави на цедило, односно со врзани раце студентите што ја имаа уплатено целата сума... - вели Бојмалиев.

Истражувајќи ја темата, во редакцијата на Факултети.мк стигнаа е-пораки од тројца студенти кои велат дека се презадоволни од услугите на агенцијата со која планирале да заминат на апсолвентската екскурзија, иако таа не се одржала.

- Ви го пишувам овој мејл за да кажам само пофални зборови за туристичката агенција која во последните години е организатор на моите патувања и ја избрав за организатор на апсолвентската екскурзија. Како што знаеме, се наоѓаме во многу тешка ситуација, во која агенцијата прва излезе со предлог за ваучери. Тоа е од корист на патниците, односно студентите, за да не пропаднат уплатените пари - вели Лазар Трајковиќ од Правен факултет.



Микаела Петрушевска, апсолвент на „Американ колеџ“, вели дека ѝ е многу жал што не отпатувале на апсолвентската екскурзија, но агенцијата постапила многу фер со ваучерите и сака да ги пофали вработените што им излегоа во пресрет да им ја објаснат целата ситуација.
- Агенцијата не нѐ ограничува на кое патување можеме да го искористиме ваучерот - вели Петрушевска.

Дарко Здравковиќ, студент на Машински факултет, се надева дека со уплатените пари наскоро ќе може да отиде на некое патување.

- А зошто да не биде тоа и некоја импровизација на апсолвентската екскурзија, па и ние да го искусиме тоа искуство за кое зборуваат сите претходни студенти. Сепак, треба да гледаме реално на ситуацијата. Добивме ваучери во истата вредност на парите што ги имавме уплатено и можеме да ги искористиме на кое било  наредно патување - вели Здравковиќ.


Фото: Pixabay