Зошто „Инстаграм“ не сака видеа со долг формат?

Зошто „Инстаграм“ не сака видеа со долг формат?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

„Инстаграм“ нема да се фокусира на видеа со долг формат бидејќи може да ја загрози основната мисија на платформата - да ги поврзе луѓето со пријателите, изјави шефот на „Инстаграм“, Адам Мосери.

Иако корисниците можат да поставуваат видеа долги еден час, „Инстаграм“ реши да се фокусира на кратки видеа по неуспешниот обид со „Ај-џи-ти-ви“.

Мосери нагласи дека двете главни цели на „Инстаграм“ се да ги поврзе корисниците со пријателите и да овозможи истражување на интересите, најмногу преку кратки видеа. Тој верува дека овие две цели се меѓусебно поврзани бидејќи корисниците често споделуваат кратки видеа со пријателите, што дополнително ги зајакнува нивните врски.

Од друга страна, видеата со долг формат не се усогласуваат со овие цели. Видеата кои се подолги од 10 минути или кои наликуваат на ТВ-емисии ја намалуваат количината на содржина што корисниците ја гледаат од своите пријатели и ја намалуваат интеракцијата меѓу нив. Поради ова, „Инстаграм“ нема да гравитира кон овој формат, за разлика од „Тик-ток“ кој веќе инвестира во подолги видеа.

Мосери нагласи дека приоритет на „Инстаграм“ е да го задржи својот идентитет како платформа која ги поврзува луѓето преку кратки видеа кои можат брзо да се споделат и да се коментираат меѓу пријателите.

Извор: Avaz.ba
Фото: Freepik