Откриено зошто некои држави имаат многу стогодишници
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Која е тајната за долговечен живот? Прашајте некој што има таков живот и ќе ви рече: чаша виски еднаш дневно, избегнување мажи или јадење вкусни работи. Но, едно истражување вели дека тајната би можела да е претерување и измама. Барем така може да се објасни тоа што неколку региони низ светот се познати како „сини зони“, каде што жителите живеат над 100 години.
Сардинија во Италија и Окинава во Јапонија се меѓу овие сини зони. Овие два региона имаат нешто заедничко: неверојатно голем број на жители што ја поминале стотата година. Но, тука има нешто сомнително затоа што се очекува заедниците во рамките на овие сини зони да имаат висок животен век. Всушност, спротивното е точно. Овие региони, кои се фалат дека во нив живеат најстарите луѓе во светот, имаат најнизок животен век, открива ново истражување.
За да сфатиме што може да го предизвика ова несовпаѓање, корисно е да се погледнат САД како студија на случај. На крајот од 19 век САД се пофалиле со многу поголемо население на стогодишници. Но, околу крајот на 20 век бројката постојано се намалувала. Овој модел немал никаква врска со влошувањето на здравјето на жителите. Всушност, целокупниот животен век стабилно се зголемувал во тој период. Но, она што се променило биле навиките за водење евиденција. Поточно, станале многу подобри.
Државите почнале да ги документираат виталните информации - користејќи изводи за родени и за починати, во различни периоди. Секојпат кога една држава официјално ќе почне со обележување на раѓањата, бројот на луѓе над 110 години мистериозно се намалува за 69 до 82 отсто, открива авторот на истражувањето.
Тоа значи дека на секои 10 стогодишници што биле запишани, седум или осум биле помлади. Тоа не значи дека лажеле, туку поради грешка, стогодишниците веројатно се многу поретки отколку што мислиме, особено во области каде што лошо се води евиденцијата.
Како сето ова е поврзано со Италија и Јапонија? САД претставуваат пример за тоа како погрешно пријавените возрасти може драстично да го намалат бројот на стогодишници пријавени кај популацијата. Како што излегува, Италија водела добра документација стотици години. Но, тоа не е доказ дека Сардинија ја заслужува познатата сина зона. Истражувачите утврдиле индикации дека постои и друг извор на погрешно пријавени податоци во овие наводно суперстари заедници.
Истражувачите откриле дека сините зони следат сомнителна шема - ниту една од нив ги нема карактеристиките што се очекува да ги има здравата популација што старее. Во овие региони, колку што има повеќе стогодишници, толку е помал животниот век. Наместо добра здравствена заштита, голема популација од осумдесетгодишници и висок квалитет на живот, истражувачите откриле ниска писменост, високи стапки на криминал и лоши здравствени исходи. Овие фактори сугерираат дека постои нешто сомнително во податоците. Истражувачите велат дека погрешните извештаи може да се делумно виновни, но голема е веројатноста и измамата за пензија, што често се случува - тврдење дека една личност има нечиј идентитет за да добива пензија.
Ова е контроверзно тврдење - но не е првпат да биде ставено под знак прашалник. Во 2010 година истрагата спроведена на јапонски записи открила дека 238.000 луѓе постари од 100 години всушност исчезнале или биле мртви, оставајќи само 40.399 со познати адреси. Во тоа време официјалните лица објавија дека многумина од наводните стогодишници починале или ја напуштиле земјата по Втората светска војна. Друга истрага претходно оваа година покажа докази дека Жан Калмент, која на 122 години беше најстарата жена, добро документирана, всушност била нејзината 99-годишна ќерка, земајќи го нејзиниот идентитет за да добие пензија.
Друг пример е Кери Вајт, поранешната најстара жена што ја имала оваа титула три години по ред. Вајт била потврдена како најстара жена цели 23 години, до моментот кога била пронајдена типографска грешка во старите записи.
Далеку од тоа дека секој стогодишник има грешни податоци или лаже. Но, истражувањето не посочува дека цели села лажат за својата возраст. Наместо тоа, истакнува еден заеднички проблем во науката: кога гледаме неверојатно ретки популации или состојби, податоците - и нашето разбирање за светот - лесно може да се искриват.
Замислете група од 1.000 луѓе на возраст над 100 години. Статистички, само еден треба да доживее 110. Сега замислете уште едно лице во истата група, кое нема 110, а лаже дека има. Тоа не се многу лаги, но ефикасно го удвојуваат бројот на стогодишници.
Дали навистина постои тајна за живот над
100 години? Можеби. Но, според ова истражување, тајната нема да ја дознаеме со испитување на постарите популации во Италија и во Јапонија.