Како се организирала наставата во текот на пандемијата на шпанскиот грип?

Како се организирала наставата во текот на пандемијата на шпанскиот грип?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Ова не е првпат лидерите на земјите да се мачат со одлуката дали училиштата треба да бидат отворени во време на пандемија.

Во текот на пандемијата на грип во 1918 година, иако светот бил сосема поинаков, оваа дискусија била еднакво бурна како и денес. Пандемијата убила 50 милиони луѓе во целиот свет.

И додека повеќето градови во Америка тогаш ги затвориле своите училишта, три одлучиле да останат отворени - Њујорк, Чикаго и Њу Хејвен. Одлуката на здравствените работници во тие градови главно се засновала на хипотезата на службениците за јавно здравје дека учениците биле безбедни во училиштата. Сепак, тогаш била ерата на прогресивизмот, со акцент на хигиената во училиштата и повеќе медицински сестри за секој ученик отколку што сега може да се замисли.

Во 1918 година Њујорк имал речиси милион ученици, а околу 75 отсто од нив живееле во станови, во пренатрупани населби со несанитарни услови.

- За учениците од пренаселените населби, училиштата нуделе чиста, добро проветрена средина во која наставниците, медицинските сестри и лекарите практикувале и документирале подетална, рутинска медицинска инспекција - се наведува во статија за јавно здравје од 2010 година.

Градовите биле првите и најтешко погодени од грипот, вели д-р Хауард Маркел, медицински историчар и директор на Центарот за историја на медицината на Универзитетот во Мичиген.

1

- Од несанитарни домови децата одат во големи, чисти, пространи училишни згради, каде што секогаш се спроведува систем на инспекција - изјавил тогашниот комесар за здравје во Њујорк, д-р С. Копланд.

Учениците не смееле да се собираат надвор од училиштето и морале редовно да му се јавуваат на наставникот. Наставниците ги проверувале учениците за каков било знак за грип, а оние што имале симптоми биле изолирани.

- Ако учениците имале температура, некој од здравственото одделение ги носел дома, а здравствено официјално лице проценувало дали условите во станот се погодни за изолација и грижа. Ако не, детето го праќале во болница.

- Здравственото одделение барало семејствата на децата што се лекуваат дома да имаат семеен лекар или да ги користат бесплатните услуги на лекар од институцијата за јавно здравје - пишува во статијата.

2

Аргументот на Чикаго за ставот дека училиштата треба да останат отворени за 500.000 ученици бил ист: ако училиштата се отворени, децата би се тргнале од улиците и би биле подалеку од возрасните. Но, бројот на изостаноци од училиште се зголемил за време на пандемијата, можеби затоа што преовладувала „флуфобија“ (страв од грипот) меѓу родителите.

- Стапката на изостаноци била толку голема, што навистина не било важно дали училиштата се отворени - вели д-р Маркел.

Дел од стратегијата на Чикаго било да се обезбеди циркулација на свеж воздух. Училниците биле премногу затоплувани во текот на зимата, па прозорците биле постојано отворени. Статијата заклучува дека анализата на податоците покажала дека решението за отворањето на училиштата во Чикаго за време на пандемијата било оправдано.

Во Њујорк, тогашниот комесар за здравство Копланд велел дека е подобро децата да бидат под постојан надзор од квалификувани лица отколку училиштата да бидат затворени.

Д-р Маркел, заедно со други истражувачи што ги анализирале историските податоци за време на пандемијата и одговорот на 43 града, не е толку убеден.

- Њујорк немаше најлош одговор, но немаше ни најдобар одговор на пандемијата - вели д-р Маркел, додавајќи дека Чикаго бил малку подобар.

3

Истражувањата покажуваат дека градовите што спроведувале карантин и изолација, затворање на училиштата и забрана за јавни собири, најдобро се справувале со пандемијата.

- Градовите што имплементираа повеќе од една од овие мерки беа подобри во справувањето. Одлуката за затворањето на училиштата била дел од тој придонес - вели д-р Маркел.

Експертите за јавно здравје, вклучувајќи го и д-р Маркел, велат дека Ковид-19 не е грип, кој бил добро позната болест во 1918 година. Постојат уште многу работи што треба да се откријат за новиот коронавирус и за болеста што ја предизвикува, Ковид-19.

Според Маркел, правилната одлука денес е затворање на училиштата.

Извор: Edition.cnn.com