Што значи впишувањето на буковите шуми кај Длабока Река како светско природно наследство?

Што значи впишувањето на буковите шуми кај Длабока Река како светско природно наследство?

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Девствените шуми во Длабока Река претставуваат наследство од нашите предци и со оваа одлука на УНЕСКО ние го заштитуваме тоа наследство и добиваме ветар во грб за понатамошна борба за најразличните ендемски видови што ги поседува НП Маврово, како и целата наша земја, вели Цане Петревски, шумарски инженер и еден од иницијаторите за впишување на Длабока Река како светско природно наследство

Длабока Река под врвовите на Кораб е впишана како светско природно наследство, со одлука на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 44. сесија. Посочената област е вклучена во проширеното транснационално подрачје Букови прашуми во Карпатите и други региони на Европа. Ова е втор локалитет во нашата земја признат од УНЕСКО.

Цане Петревски, шумарски инженер и раководител на секторот за одржливо користење во НП Маврово, е еден од иницијаторите за овој потег. Според него, ова признание е од огромно значење за нас и поттик да се стремиме кон повеќе вакви македонски светски наследства. 

- Со одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО да ги впише Длабока Река и нејзините чисти и праисториски букови шуми како светско природно наследство, УНЕСКО ни дава признание дека НП Маврово успеал во целосно мониторирање и грижа за природните вредности, особено за буковите шуми во кањонот Длабока Река кои се со историски карактер. НП Маврово успеа да ги сочува тие природни вредности од сите можни негативни влијанија, вклучувајќи го и човечкиот фактор, и со тоа се зачува такво недопрено од човечка рака природно богатство - вели Цане. 


Со оваа одлука ќе се зачува автентичната состојба на природата

Во однос на тоа кои бенефити ќе ги ужива овој регион и од колкаво значење е впишувањето на буковите шуми во кањонот Длабока Река како светско природно наследство, Цане вели дека значењето за нашата земја е огромно со самото тоа што буковите шуми во Длабока Река претставуваат втор локалитет или место во Македонија што е признато од УНЕСКО како светско природно наследство, дури и пред опсерваторијата во Кокино, која е знаменит белег на Македонија. 

- Бенефитите што произлегуваат од оваа одлука на УНЕСКО се зачувување на нашето национално природно богатство, сега и под капата на УНЕСКО, кое ја гарантира посебноста и девственоста на буковите шуми од прашумски карактер во овој регион. Се овозможува зачувување на автентичната состојба на природата, осигурување на подрачјето и превенција на дејства што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на природната рамнотежа во екосистемите. Исто така, се создаваат поволни услови за заштита и унапредување на биолошката и пределската разновидност, како и понатамошно презентирање на сите други посебности што ги имаме од видот на богатства, кои се недопрени од човек стотици години - истакнува Цане. 

Ќе служи за унапредување на научни сознанија

Како што објаснува Цане Петревски, новопрогласеното светско наследство е чист буков насад проценет од експерти дека е недопрен од човечка рака минимум 400 години и со самото отсуство на негативни влијанија развил девственост која е особено важна, првично за Македонија, како зачувување на идентитетот на шумите тука, а претставува и научен престиж за понатамошно унапредување на научните сознанија за најразновидни типови шума што опстојуваат во земјава, особено шумите на НП Маврово кои имаат прашумски карактер. 

- Девствените шуми во Длабока Река претставуваат наследство од нашите предци и со оваа одлука на УНЕСКО ние го заштитуваме тоа наследство и добиваме ветар во грб за понатамошна борба за најразличните ендемски видови што ги поседува НП Маврово, како и целата наша земја, да бидат зачувани тие природни богатства и Македонија да се одликува со што повеќе светски културни наследства - вели Петревски. 

Длабока Река се карактеризира со старата (девствена) букова шума (Fagus sylvatica), посебност, изворност и претставува извонреден пример на релативно недопрена, комплексна шума во умерената клима и е пример за широкиот спектар на сеопфатни еколошки циклуси и процеси на чистата или мешаната европската бука низ различни услови во животната средина. 

- Биолошките разновидности што опстојуваат на територијата на сега заштитеното подрачје се многубројни и јас би издвоил само неколку: Нистровскиот Кањон на Длабока Река со должина од 2 километра и височина на страните од 250 до 300 метри, изворот на Длабока Река, четирите глацијални езера што се наоѓаат во регионот, водопадот Пројфел, еловите шуми во самото подножје на водопадот Пројфел. Согласно директивите, вкупно 45 вида растенија, 7 вида интевербрати, 18 вида влечуги, 13 вида цицачи и 6 вида водоземци живеат и опстојуваат во овој кањон. Како јагода на врвот на тортата е присуството на балканскиот рис, кој моментално е во нормална бројна состојба - потенцира Петревски. 

Има и други подрачја што можат да бидат светски наследства

Тој смета дека има многу други подрачја од НП Маврово што го носат во себе потенцијалот да бидат прогласени за светски природни наследства, особено на планината Кораб и дел на планината Бистра. 

- Моето мислење како ветеран во шумарската струка е дека постојат најразновидни места на територијата на НП Маврово што имале услови да добијат ваков исклучителен степен на заштита каков што доби буковата девствена шума во кањонот на Длабока Река, и со тоа да бидат тотално заштитени за да имаме и портал кон дел од нашата природа што е самостоен и недопрен од човечка рака, како и да ни служи како прозорец во минатото, а се надевам и во иднината - истакнува шумарскиот инженер. 

- Бидејќи го поминав мојот цел работен век на планината Кораб, која е дел од НП Маврово, и како раководител и како непосреден заштитник и голем љубител на природата што успева и опстојува во овој регион, овие заслуги што ги добија НП Маврово и нашата држава, потврдени од светска институција како УНЕСКО, цел и амбиција ми е да ја префрлам мојата љубов кон зачувувањето на целиот овој регион и унапредување и заштита на сите ендемски видови во овој регион, како големиот број ретки видови растенија. Се надевам дека помладите, исто така, ќе водат грижа за овие подрачја како што јас водев нецели 40 години и дека УНЕСКО ќе прогласи и многу други подрачја во овој регион за светско културно наследство. Секако, се надевам во иднина на посилна поддршка од надлежните министерства и Владата - вели тој. 

Амбиции за зачувување на целиот Мавровски Регион

Но, освен тој, цел тим се потпишува на заслугите за долината на Длабока Река да биде второ светско природно наследство.

- Посебна благодарност сакам да искажам кон целокупната научна екипа што учествуваше во овој процес со свои научни трудови и несебично се вложи без во ниту еден момент да побара нешто за возврат и која ни помогна да добиеме уште едно, за нас второ, светско природно наследство, по Охрид. Би сакал специјално да ги споменам проф. д-р Славчо Христовски од Институтот за биологија на ПМФ, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“,  проф. д-р Николчо Велковски од Факултетот за шумарски науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Македонка Стојанова од Факултетот за шумарски науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а воедно и научен координатор на Студијата за ревалоризација на заштитените подрачја во Маврово - упатува благодарност Цане. 

Длабока Река тече во Западна Македонија и е лева притока на Рибничка Река, која, пак, е десна притока на Радика. Извира под високите врвови на Кораб, образувајќи стрмна долина која претставува единственото место со алпска клима во Македонија. На неа се наоѓа познатиот Корапски Водопад, највисокиот водопад во Македонија од 136 метри, кој паѓа под врвот Мал Кораб во пролетните месеци, со топењето на снегот. Реката тече покрај напуштеното село Жужње, па во клисурата под селата Нистрово и Бибање и потоа се влева во Рибничка Река. 

фото: Приватна архива