Можност за живот во вселената - откриен свеж мраз на месечината на Сатурн
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Научници од американската вселенска агенција НАСА велат дека откриле „силни докази“ за постоење свеж мраз во северната хемисфера на Енкелад, месечината на Сатурн. Ова може да ги зголеми шансите за живот на месечината.
Откритието било направено со разгледување детални фотографии од месечината направени со вселенското летало „Касини“, кое поминало 13 години во близина на Сатурн. Се смета дека мразот потекнува од внатрешноста на Енкелад и може да значи дека на месечината постои живот.
Енкелад се сметала за едно од најперспективните места за потрага по живот во Сончевиот Систем од страна на многу научници.
Во 2005 г. научниците првпат откриле дека од Енкелад еруптираат огромни парчиња мраз и пареа кои веројатно излегуваат од подземен океан кој се крие под дебел мраз. Новите податоци од фотографиите направени со инфрацрвена светлина одговараат со локацијата на овие ерупции. Биле забележани и слични карактеристики на други места од месечината, поради што научниците сметаат дека процесот се случува на двете хемисфери.
Габриел Тоби, научник на Универзитетот во Нант, Франција, и еден од авторите на трудот, открива дека податоците покажуваат дека површината на јужниот пол на Енкелад е млада, што веќе се претпоставувало, но сега се дополнува и дека голем дел од северната хемисфера исто така веројатно била активна неодамна во геолошки временски рамки.
Во октомври 2019 г. истражувачи откриле траги од органски соединенија во мразот на Енкелад кои изгледале како состојки на аминокиселини, претходници на
животните форми на Земјата.
Автор: Виктор Тангерман
Извор:
futurism.com