Наскоро ќе биде пуштен во употреба најдолгиот висечки пешачки мост во светот

Наскоро ќе биде пуштен во употреба најдолгиот висечки пешачки мост во светот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

На 60 километри од Порто, во португалското гратче Арука, наскоро ќе биде пуштен во употреба најдолгиот пешачки висечки мост во светот - долг 516 метри, по што го добил и името „516 Арука“.

Мостот ќе ги поврзе водопадот Агиерас и клисурата Паива и е најновата авантуристичка понуда во геопаркот Арука, познат по екстремните спортови што ги нуди.

Станува збор за висечки мост создаден во тибетски стил, кој го држат челични кабли и две огромни кули во форма на латиничната буква „V“, а е на 175 метри над земјата.

Дизајниран од португалското студио „Итеконс“, за изградба на мостот биле потребни три години, а таа заврши во јули 2020 година. Мостот се наоѓа во источниот дел на геопаркот, близу патеките Паива, реките Ареино и Вау и селата Алваренга, Канелас и Еспиунка.

1

- Овој мост има цел да го привлече интересот на различни типови луѓе: љубителите на инженерството, познавачите на природата, како и луѓето што се љубители на екстремните искуства - вели општинскиот совет на Арука.

За да поминете од едниот до другиот крај, потребни се пет до десет минути, во зависност од тоа дали ќе брзате или ќе застанете и ќе уживате во спектакуларниот поглед на кањонот.

2

Арука ја украде титулата за најдолг висечки пешачки мост во светот од досегашниот мост кој се наоѓа во Цермат, Швајцарија, чија должина изнесува 500 метри. Овој мост може да се пофали со поглед кон Алпите, кон врвовите Матерхорн и Вајсхорн.

Се планира мостот да се отвори во текот на 2021 година.

Ако висината ве импресионира повеќе од должината, највисокиот стаклен висечки мост се наоѓа во Кина и им овозможува на посетителите банџи-скок од неговата платформа висока 260 метри.



Извор: Edition.cnn.com
Фото: Município de Arouca