Бироата за стоење може и да се лоши за здравјето

Бироата за стоење може и да се лоши за здравјето

Подготвил: Билјана Спиркоска

Лоша вест за фанатиците за бироа за стоење: можеби и не сте толку супериорни во однос на вашите колеги кои седат додека работат.

Истражувачи на Универзитетот во Сиднеј открија дека бироата за стоење, сепак, е можно да не го намалуваат ризикот од срцеви заболувања - всушност, тие може и да ги зголемуваат проблемите со циркулацијата, како што се варикозните вени.

Секако, овие резултати не значат дека седењето по цел ден е добро за вас, но ја нагласуваат важноста на движењето за канцелариските работници.

Според нов труд објавен во „Интернешенел џурнал оф епидемиолоџи“, и седењето и стоењето по цел ден без промена се лоши за вас.

Користејќи податоци од повеќе од 83.000 пациенти, истражувачите утврдиле дека за секои дополнителни 30 минути стоење по два часа, ризикот од проблеми со циркулацијата се зголемувал за 11 проценти.

Стоењето не го намалува ни ризикот од срцеви удари, што е спротивно на ентузијастите кои се залагаат за таквиот начин на работа и даваат стотици евра за такво биро.

Наместо да кажат дека едното е подобро од другото, истражувачите анализирале дали таквите работни маси го подобруваат или влошуваат здравјето. Тие утврдиле дека мирувањето предолго време е лошо за луѓето без оглед во која позиција стојат или седат.

-Главниот заклучок е дека стоењето предолго време нема да надомести за инаку седечкиот начин на живот и може да е ризично за некои луѓе во смисла на проблеми со циркулацијата. Утврдивме дека стоењето повеќе не го подобрува кардиоваскуларното здравје на подолг рок и го зголемува ризикот од проблеми со циркулацијата - објаснува професорот Метју Ахмади.

Излегува дека најдобро е да се движите.

-За луѓето кои редовно поминуваат долго време во седење, дури и инцидентното движење во текот на денот и вежбањето може да се подобар начин за намалување на ризикот од кардиоваскуларни болести - објаснува Емануел Стаматакис, коавтор на студијата.

Извор: Futurism
Фото: Freepik