Дали е подобро да се купи понов автомобил со повеќе поминати километри или постар со помалку?

Дали е подобро да се купи понов автомобил со повеќе поминати километри или постар со помалку?

Подготвил: Билјана Спиркоска

Кај купувањето половни автомобили стандардно прашање е она за поминатите километри. Дали повеќе поминати километри значат и послаб автомобил? Купувачите може да бидат во дилема дали е подобро да се купи понов автомобил со повеќе поминати километри или постар со помалку.

Матас Бузелис, експерт од компанијата „КарВертикал“, која собира податоци за автомобили, вели дека иако е вистина дека треба да се избегнуваат автомобили со повеќе од 300.000 поминати километри, тоа не е секогаш неопходно. Постар автомобил со помалку поминати километри може да се чини како добар избор, но треба да бидете внимателни.

-Важен е квалитетот на половното возило и начинот на кој се одржувало. Ако историјата покажува постојано зголемување на километрите, а автомобилот е редовно одржуван, не би требало да имате многу проблеми со него. Во спротивно, подобро е да го избегнете или внимателно да го испитате - вели тој.

Сепак, тоа не значи дека постарите автомобили со многу поминати километри не можат сè уште да се користат. Според експертите, постојат исклучоци. Како пример ги наведуваат половните автомобили од „мерцедес - бенц“, кои може да имаат поминато и 400.000 километри, но сè уште да се добри.

Според Бузелис, златниот период за купување половен автомобил е меѓу три и пет години по производството. Тогаш возилото веќе е амортизирано, а во следните три до пет година амортизацијата нема веќе толку брзо да се зголемува.

-Постојат возила кои може да поминат 200.000 километри во само неколку години. Новите дизел автомобили се особено погодни за долги патувања. Сепак, важно е тие километри да се извозени на автопатишта, а не во градски сообраќај - вели тој.

Сепак, секогаш треба да се земат предвид и податоците за сервисната историја.

-Без тие податоци секој автомобил може да претставува само трошење пари - вели Бузелис.

Извор: N1
Фото: Freepik