Швајцарскиот хотел кој 12 часа дневно е отсечен од светот

Швајцарскиот хотел кој 12 часа дневно е отсечен од светот

Подготвил: Тамара Гроздановски

Швајцарија е полна со алпски колиби и тешко достапни хотели, но хотелот „Алп Грум“ е планинска атракција како ниедна друга.

- За среќа, нема патишта. Има само природа, изгрејсонца, зајдисонца, тишина и ништо повеќе. Погледнете наоколу, имаме планини и глечери и сме далеку од секојдневието. Ова е предизвик и наш благослов - вели 57-годишниот Примо Семадени кој е менаџер на хотелот „Алп Грум“ во Граубинден.

Тешко достапните хотели и колиби се швајцарски специјалтитет. За голем дел од овие хотели потребна ви е добра зимска опрема, добри чевли за снег за да стигнете до нив. Други хотели, пак, се отворени само кога е отворен сообраќајот откако ќе затопли времето.

Но „Алп Грум“, кој се протега низ гребенот на јужната страна од преминот Бернина на 2.091 метри, им пркоси на сите временски услови и граници. До хотелот нема пат, а единствениот начин да стигнете таму е да пешачите со часови, нешто што навистина не се препорачува во текот на зимата или пак да фатите воз на Рејтската железничка кој ќе ве искачи помеѓу малите градови Понтресина и Пошјаво во близина на италијанската граница.

Идентитетот на хотелот е целосно извлечен од историјата на железничката компанија и може да се каже дека е и железничка станица и платформа и чекална. Помеѓу 20:00 и 8:00 часот возовите ги напуштаат шините и хотелот е отсечен од остатокот од Швајцарија.

Приказната за „Алп Грум“ започнала во 1906 година со „Бернина-Бангелшафт“, визионерска железничка компанија со амбициозен план за електрифициран воз што ќе ги поврзува Швајцарија со Италија, возејќи низ планини и глечери. Она што ја направило идејата толку неверојатна е тоа што тој ќе стане највисокиот железнички премин на Алпите, со што ќе ја отвори областа за туристите, но и ќе го намали времето на патување за трговците. Во зима секако дека постоеше предизвик заради ризикот од лавина и можноста туристите да останат заглавени од облините снежни врнежи.

Така, еден сончев ден во јули 1910 година, линијата Бернина била отворена, а „Алп Грум“ започнал со живот - не како хотел со 10 соби и чекална, туку како дрвена кабина од каде што шефот на станицата секое утро ја проверувал линијата.

Во 1943 година Рејтската железница ја презела контролата врз линијата Бернина, а идејата била едноставно „станица за одмор“ - идеја во која е тешко да се поверува денес.

- Линијата Бернина на почеток не требало да работи во текот на целата година - вели портпаролката на компанијата, Камил Харди.

Денес, линијата Бернина речиси никогаш не е затворена.

Според Семадени, најтешкиот дел од живеењето тука, каде што поминал 18 години, е непредвидливоста што ја носи секој ден. Неодамна отказ дала една келнерка.

- Потребно е човек да разбере дека тука не станува збор само за работа, туку и за начин на живот - вели тој.

Проблеми има и во синџирот на снабдување. Сè што се служи во ресторанот 10 месеци годишно (хотелот се затвора во ноември и еден месец по Велигден) пристигнува со воз, а локацијата значи дека работите не секогаш ќе стигнат навреме особено затоа што станува збор за планини на кои демнеат опасности: одрони, лавини, глечерски пукнатини, грмотевици и слично.

Но, она што најмногу го погодува Семадени се деновите кога линијата е затворена. За тој период вели дека е најдосадниот во неговиот живот.

Без сомнение „Алп Грум“ е швајцарска знаменитост со раскош насекаде во околината. Во лето цвета алпската планина, а во зима се чини дека ѕвездите ви се на дофат на раката. А кога последниот воз заминува за тој ден, владее речиси недостижна тишина.

Извор: ВВС
Фото: Instagram