Сателитите на Илон Маск веќе го блокираат погледот кон ѕвездите

Сателитите на Илон Маск веќе го блокираат погледот кон ѕвездите

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Компанијата на Илон Маск, „Спејс Екс“, се обидува да донесе широкопојасен интернет до сите места на светот преку испраќање 12.000 мали сателити во ниската орбита на Земјата. Но, не сите се воодушевени од таа идеја.

Астрономите утврдиле дека 122. сателити што „Спејс Екс“ досега ги има лансирано веќе го окупираат ноќното небо, појавувајќи се како екстремно светли траги на светлина.

- Јас сум шокирана. Огромен број сателити од „Старлинк“ вечерва поминаа на небото над Серо Тололо - напиша на „Твитер“ астрономот Клер Мартинез-Васкез.

Таа додаде дека експозицијата на камерата на темна енергија во опсерваторијата во која работи била погодена од 19 сателити.

Компанијата на Маск на 11 ноември испрати 60 нови микросателити во ниската Земјина орбита, а се планираат многу повеќе лансирања. Минатата година американската Федерална комисија за комуникации даде зелено светло за барањето на „Спејс Екс“ да лансира дополнителни 7.518 сателити, со што вкупниот број одобрени единици се искачи на речиси 12.000. Тоа значи дека ако компанијата се придржува до планот, проблемот само ќе се влошува.

- Возот од сателити на „Старлинк“ траеше 5 минути - наведе Мартинез-Васкез.

Во јуни реагираа од Меѓународниот астрономски сојуз наведувајќи дека рефлективните сателити би можеле да им штетат на големите астрономски телескопи на Земјата.

Некои астрономи го претворија проблемот во меме.