Нефункционалниот јавен превоз го отежнува пристапот до факултетите и училиштата, а студентите и учениците скапо го плаќаат задоцнувањето - со паѓање на испит или многу неоправдани отсуства.
Студентите, професорите и учениците, односно сите што се дел од образовниот процес, а го користат јавниот превоз во градот Скопје, не можат да стигнат навреме поради проблемите со кои се соочува јавното сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје.
Нема доволно гориво за сите автобуси, а оние што сообраќаат доцнат со часови, со што е загрозено функционирањето и на работниците и на учениците.
Особено се отежнува пристапот до образовните институции, најмногу за студентите што имаат на располагање една автобуска линија. Поради немање доволно автобуси, тие доцнат или не стигнуваат на предавања и на испити.
Теодор Јовановски, студент од Скопје кој студира на ФИНКИ, патува од населба Ченто до Карпош со менување два автобуса. Вели дека во последно време не само што доцнат, туку и не доаѓаат автобусите на ЈСП на обично најфреквентните линии.
- Не доаѓаат автобусите, имаме големи проблеми. Не се работи само за доцнење, туку понекогаш воопшто нема автобус. Ми се случи да чекам повеќе од еден час. Ајде што ги нема и што доцнат, но кога ќе дојдат, тие се преполни и не може да ги собере сите патници од постојката. Речиси секогаш оние студенти што патуваме со автобус доцниме на предавања, дури и на испити. Мене ми се случи од факултет кон дома да си одам два часа. Не дојде ниту една „2-ка“, па се качив во „7-ка“ до „Џамбо“ и потоа немаше автобуси на линиите „45“, „55“ и „65“. Морав да се качам на „66“ до Триангла и потоа продолжив пеш. За предавањата не е страшно, има толеранција, ама не смееме да доцниме кога треба да полагаме испит - вели Теодор Јовановски.
Голем дел од учениците што користат автобуски превоз на ЈСП доцнат на настава наутро оти нема автобуси. Повеќето добиваат неоправдани изостаноци затоа што дел од професорите не ги интересира од која причина не можат да стигнат навреме на училиште.
Во последните три дена се одржуваат редовни родителски средби за крајот на училишното тримесечје на кои родителите и наставниците разговараат за проблемот со доцнење на децата кои користат превоз на ЈСП. Најголемиот дел од наставничкиот кадар е толерантен поради новонастанатата ситуација, но тоа не може да трае предолго.
Од Министерството за образование и наука велат дека не е регистрирано зголемување на бројот на изостаноци во средните училишта.
- Педагошка евиденција водат наставниците и според податоците за изостаноци на средношколците, кои се внесени во електронскиот дневник од почетокот на оваа учебна година, не се забележани отстапувања од податоците кои го покажуваат просекот од истиот период во претходната учебна година - велат од Министерството за образование.
Според информациите, ЈСП сѐ уште е без нафта. Претпријатието повеќе од три месеци се соочува со недостиг на нафта, но ситуацијата ескалира завчера кога воопшто не беше испорачана нафта во двете автобази. Од синдикатот не знаат што се случува и велат дека ова е голем срам за градот.
Протести утре на кои ќе се приклучат и студентите
За утре жителите на Шуто Оризари најавија протест пред канцеларијата на градоначалничката Данела Арсовска. Откако приватните превозници престанаа да возат оти Арсовска не им плаќа, автобуси на линијата „19“ не возат и со тоа оваа скопска општина е отсечена од градот.
И студентите ќе се приклучат на протестот пред Град Скопје, утре, во 13:30 часот, бидејќи, како што велат, доцнат на предавања и на испити.
Универзитетското студентско собрание при УКИМ спровело анкета во која одговориле над 3.150 студенти. 84% од нив во последните денови чекаат автобус повеќе од 15 минути, а 65,9% од нив чекаат автобус над 20 минути.
Собранието ѝ постави ултиматум на градоначалничката Арсовска:
- Јавното сообраќајно претпријатие Скопје - Скопје и градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска, до крајот на денешниот ден да воспостават итна и неодложна редовност на автобуските линии и враќање во нормална функција на јавниот градски превоз во град Скопје со цел зачувување на интегритетот на студентите и студентскиот стандард.
Доколку не се добие повратен одговор на ова барање и не се регулира сообраќајниот режим, како легитимно тело кое претставува над 28.000 студенти при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Универзитетското студентско собрание ќе се приклучи масовно на организираниот протест утре со цел изразување на огромното незадоволство од менаџирањето на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје- Скопје - се вели во соопштението од УСС УКИМ, потпишано од претседателот Александар Николовски.
Студентите бараат продолжување и финализирање на проектот за Bus Rapid Transit, воведување градска железница со искористување на постојните капацитети и изградба на пруга до Аеродромот Скопје, отпочнување и финализирање на предвидените инфраструктурни проекти (Јужен булевар, бул. Хрватска, бул. Србија, мостот кај Хотел Русија, продолжување на бул. Климент Охридски преку Вардар, под Кале до бул. Никола Карев, продолжување на бул. Илинден, Источна обиколница), набавка на нови автобуси и отворање нови автобуски линии и надградба на велосипедската инфраструктура и промоција и поддршка на алтернативни видови транспорт.
Во однос на решавањето на прашањето со набавка на нови автобуси, кое беше и предизборно ветување на градоначалничката Данела Арсовска, на една година од новите локални избори, од набавката на 250 нови екоавтобуси сѐ уште нема ништо.
Какви автобуси возат по скопските улици?
Скопјани се возат во автобуси со просечна старост од 12 години, од кои 32 се марка „санос“ купени во 1995 година. Со нив управуваат возачи на просечна возраст од 50 години. Тоа го велат податоците запишани во Годишниот извештај за работа на ЈСП во 2022 година.
По улиците сообраќаат 215 кинески „јутонг“ со просечна старост од 10 до 12 години во зависност од испораката во земјава, се возат 77 украински „лаз“ со просечна старост од 12 години, 32 „санос“ со просечна старост од 27 години. ЈСП има вкупно 379 автобуси, 365 соло и 14 зглобни возила со просечна старост од околу 12 години.
Во 2022 година градските автобуси поминале речиси 17 милиони километри, превезле 28,5 милиони патници и потрошиле 6,5 милиони литри нафта.
Нови автобуси не се набавени од времето на градоначалникот Петре Шилегов, односно последните 33 автобуси „ман“ се купени пред повеќе од четири години.
Фото: фејсбук-страница на ЈСП