Што знаеме за новата мутација на коронавирусот и дали вакцините ќе дејствуваат против неа?
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Вирусите мутираат цело време. Повеќето нови варијанти изумираат. Понекогаш се шират без промена на однесувањето на вирусот. Повремено предизвикуваат драматични промени. А прашањето со кое сега се соочуваат научниците е едноставно - дали варијантата VUI-202012/01 спаѓа во оваа последна категорија? Дали претставува зголемен здравствен ризик или неговото неодамнешно брзо ширење во Јужна Англија се случило зашто се појави кај луѓе кои заразуваат многу други луѓе, веројатно зашто ги игнорираат рестрикциите?
На овие клучни прашања, за кои се расправаше минатата недела откако британскиот министер за здравство Мет Хенкок го откри постоењето на новата варијанта, одговори британскиот владин медицински службеник Крис Вити.
- Советодавната група за нови респираторни вирусни закани сега смета дека новиот вид може да се шири побрзо. Ја предупредивме Светската здравствена организација и продолжуваме да ги анализираме достапните податоци за да го подобриме нашето разбирање - пренесува „Гардијан“.
Во овие анализи ќе се вклучат научници кои го одгледуваат новиот вид во лаборатории, проучувајќи ги неговите одговори на антителата и тестирајќи ги неговите вкрстени реакции со вакцините против Ковид-19. Покрај тоа, здравствените службеници сега вршат секвенцирање на примероци од позитивни случаи низ земјата за да го проучат ширењето низ нацијата и за да создадат регионални мапи на распространетоста. За тоа ќе бидат потребни барем две недели.
SARS-CoV-2
Фото: Flickr
Појавата на новиот вид е алармантна, иако треба да се забележи дека имаше неколку претходни мутации на Ковид-19. Минатиот месец данската влада уби милиони куни откако се откри дека стотици случаи на Ковид-19 се поврзани со варијанти на Сарс-Ков-2 кои ги носела одгледувана куна. Во октомври анализите посочуваа дека варијанта на коронавирусот, која потекнувала од шпански земјоделци, брзо се ширела во Европа и била одговорна за мнозинство од случаите во Велика Британија.
Во ниеден случај не е утврдено дека овие варијанти го зголемиле преносот на болеста. Меѓутоа, сега е јасно дека тоа не е случај со варијантата VUI-202012/01. Научниците сега мора да се справат со загриженоста поради влијанието на новата варијанта - особено дали ќе доведе до зголемување на случаите на тешко боледување од Ковид-19 или ќе резултира со помалку случаи. Друго големо прашање е дали новата варијанта ќе може да ја одмине заштитата што ја нудат вакцините против Ковид-19, кои сега се применуваат низ Британија.
- Ако новата варијанта имаше големо влијание врз тежината на болеста, тоа ќе го видевме досега. Случаите во болниците како процент на бројот на инфекции или драстично би се зголемиле или би опаднале. Не се случи ни едното ни другото, па можеме да заклучиме дека влијанието врз бројот на тешки случаи веројатно ќе биде скромно: нешто поголемо или нешто помало - вели Јуан Бирни, заменик на генералниот директор на Европската лабораторија за молекуларна биологија.
Покрај тоа, Бирни додава дека вакцините се тестирани на многу варијанти на вирусот што циркулираат.
- Значи, постојат причини да мислиме дека вакцините сепак ќе дејствуваат против овој нов вид, иако тоа треба темелно да се тестира - вели тој.
Каде точно се појавил новиот вид, не е познато. Можно е и британскиот робустен систем за надзор на вируси да го забележал пред тоа да го направат другите земји.
- Како и да е, еднакво е веројатно мутациите што ја создале оваа варијанта да се случиле во Велика Британија и затоа првпат ја видовме - вели Бирни.
Извор:
Guardian
Насловна фотографија: Pixabay