„Ракот не е само хороскопски знак“ - изложбата на Сокол Марковски претставува изрази на лица што дознаваат дека се болни
Подготвил:
Александра Овчарска-Бела
Лектор:
Ивана Кузманоска
Имав многу добра пријателка која почина од оваа болест и тоа беше иницијалната каписла, но сметам и дека треба многу повеќе да се зборува на оваа тема, а јас се обидов да зборувам преку сликите, вели Сокол Марковски за Факултети.мк
Сликарот Сокол Марковски неодамна пред јавноста ја претстави својата самостојна изложба „Ракот не е само хороскопски знак“. Овој наслов ќе ве натера да застанете, да погледнете за што станува збор, да се подзамислите, да се соживеете и од тој момент да почнете да гледате поинаку на некои работи. Уметничката поставка брои 15 дела, портрети на лица кои дознаваат дека се болни од рак.
- Преку овие дела се обидов да ја доловам внатрешната состојба на човекот кога првпат ќе се соочи со сознанието дека боледува од болеста, вели Марковски.
Какви мисли Ви минуваа низ главата додека сликавте?
- Додека ги создавав делата, се обидов да се ставам на нивно место (болните од карцином), поточно да влезам во нивниот психички свет и да ја почувствувам траорноста на нивното живеење - објаснува авторот.
Тој досега многу пати докажал дека е маестрален во сликањето портрети и на познати светски имиња. За оваа изложба вели дека сите 15 лика се плод на неговата имагинација и покрај тоа што појдовна точка за креирањето на изложбата била негова блиска пријателка.
- Имав многу добра пријателка која почина од оваа болест и тоа беше иницијалната каписла, но сметам и дека треба многу повеќе да се зборува на оваа тема, а јас се обидов да зборувам преку сликите - вели авторот.
Колкава е тежината да се наслика лик со болка наспроти среќен лик?
- Тежина? Не почувствував тежина бидејќи мотивот беше голем и тој секако преовладуваше над тежината, ако воопшто ја имаше - одговара Марковски.
Сликите ги создавал во своето ателје во период од една година. Осум од нив се работени во маслена техника, а седум се мешана техника со дигитален принт. Насликаните ликови гледаат продорно и како секој да сака да ја раскаже својата приказна...
Како посетителите ја доживеаја изложбата „Ракот не е само хороскопски знак“ ?
- Посетителите беа воодушевени од делата и заедничката нитка им беше дека сум успеал да ја доловам емотивноста на ликовите - вели уметникот.
- Делата успеваат да проникнат во длабочината на размислата и да допрат до срцевината и суштественото во поимањето на страдањето какао неразделен феномен во егзистирањето на секоја единка, а во овој случај посветено на лицата соочени со спознавањето на една тешка и неизвесна страна на искушенијата со кои се соочени, како и многубројните фази низ кои минуваат - истакна Виолета Калиќ, стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура во Домот на култура „Кочо Рацин“ Скопје по повод оваа изложба.
Желбата и замислата на Марковски е изложбата да отпатува во неколку градови низ државата, но сѐ уште нема прецизирано датуми и локации.
Сокол Марковски е роден на 15 август 1966 година. Тој е ликовен педагог-сликар, со завршена академија во класата на професор Јован Шумковски. Има реализирано самостојна изложба во Сплит (Хрватска) во 2016 година, како и заедничка изложба во КИЦ – 2019 година.
Фото: Сокол Марковски