Калифорниските верверички развиле однесување како месојадци, велат научници
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Верверичките изгледаат како слатки крзнени топчиња кои собираат ореви, но некои од нив се немилосрдни предатори кои ловат и распарчуваат.
Истражувањето објавено во „Журнал оф етолоџи“ е прво што го документира однесувањето како месојадци кај овие навидум невини суштества.
- Секогаш постои нешто ново што може да се научи, така што дивите животни постојано нè изненадуваат. Во променлив свет со толкав технолошки напредок, не постои замена за директното набљудување на природната историја, вклучувајќи го и набљудувањето на верверичките и птиците - вели главниот автор Џенифер Е. Смит, вонреден професор по биологија на Универзитетот во Висконсин-О Клер.
Набљудувањата биле направени летово, во текот на долгото истражување спроведено во Регионалниот парк Брионис во округот Контра Коста, Калифорнија.
Помеѓу јуни и јули истражувачите забележале 74 интеракции во кои учествувале верверички и некои други глодачи, при што 42 отсто вклучувале активно ловење на други глодачи.
Коавторката Соња Вајлд признава дека првично била скептична за извештаите што ѝ ги донеле студентите кои први биле сведоци на ова однесување.
- Не можев да им поверувам на очите. Но, кога почнавме да го бараме, го забележавме однесувањето насекаде - вели таа.
Претходно беше познато дека дури 30 вида верверички консумираат месо, од мали риби до птици. Но, не беше јасно дали ваквото однесување потекнува од активно предаторство.
Новото истражување е прво што потврди дека ловењето е вообичаено однесување.
Истражувачите забележале верверички како се спуштаат ниско до земјата пред да го нападнат пленот, иако почесто, тие бркале други глодачи, им се нафрлале и ги гризеле за вратот, а тоа било проследено со силно тресење.
Исто така, истражувањето покажа дека однесување како месојадци кај верверичките го достигнало врвот во првите две недели од јули, што се совпаѓа со порастот на популациите што го пријавиле граѓанските научници на апликацијата „Ајнатуралист“.
За ракуните и којотите се знае дека ги приспособуваат своите стратегии за лов како одговор на промените во нивната средина предизвикани од човекот.
- Во променлив свет, застрашувачко е да се земат предвид сите предизвици што човечкото присуство, губењето на живеалиштата и климатските промени им ги наметнуваат на животните. Нашето истражување ја демонстрира неверојатната флексибилност што ја поседуваат некои животни - вели Смит.
Но, неколку прашања и понатаму остануваат неодговорени. Истражувачите се надеваат дека ќе успеат да откријат колку е распространето ловењето меѓу видовите верверички, дали се пренесува од родителите на младенчињата и како тоа влијае врз нивните пошироки екосистеми.
Извор:
Science Alert
Фото: Sonja Wild/University of California,Davis