Колку долго сме заразни по добивањето вирус?

Колку долго сме заразни по добивањето вирус?

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Болен човек кој инсистира да дојде во канцеларија или на училиште и како резултат на тоа да разболи уште неколку луѓе, за наша среќа, стана многу ретка практика. Во овој момент јасно е дека никој не сака да биде носител на лоши бактерии, но не постои консензус за тоа колку долго сме заразни, кога можеме да се вратиме во цивилизацијата и кои мерки на претпазливост, како носење маска, се неопходни.

Колку долго сме заразни кога сме настинати?

Настинката е блага горнореспираторна инфекција која е релативно заразна, вели д-р Дин Винслоу, професор по медицина и лекар специјализиран за заразни болести во „Стенфорд Медисин“ во Калифорнија.

- Настинките се предизвикани од многу различни вируси, а риновирусот (кој има многу видови) е најчеста причина. Други вируси на настинка се аденовируси и коронавируси. Ова е причината што можеме да добиеме повеќе настинки во една сезона, бидејќи тие можат да бидат предизвикани од различни вируси или соеви - објаснува д-р Винслоу.

Настинката се пренесува од човек на човек преку воздухот и од близок личен контакт. Најчести симптоми се кивање, назална конгестија, болки во грлото, кашлица и (ретко) треска.

- Може да бидете заразни околу еден ден пред да се појават симптомите, а потоа најчесто сте најзаразни околу 24 до 48 часа откако ќе се појават симптомите - вели д-р Винслоу.

За луѓето со симптоми на горниот респираторен тракт, д-р Винслоу препорачува да носат маска пет или шест дена откако ќе се појават симптомите, за да се заштитат другите луѓе. Дотогаш, количината на вирус што ја ослободувате е многу помала и веројатно нема да ја пренесете настинката на некој друг, вели тој.

Симптомите на грип може да се движат од благи до тешки и вклучуваат: треска, морници, кашлица, болки во грлото, течење или затнат нос, болка во мускулите, главоболки, замор, повраќање и дијареја.

Грипот главно се шири преку воздухот, преку ситни капки кои се создаваат кога заразените луѓе кашлаат, киваат или зборуваат, а потоа можат да влезат во устата или носот на другите. Може да се пренесе и преку контакт со предмети - ако некое лице допре нешто што го има вирусот на грип и потоа го допре носот или устата - иако тоа е поретко. Како и со настинката, можеме да го пренесеме вирусот на грип и да заразиме други луѓе до 24 часа пред да се појават симптомите, вели д-р Винслоу.

- Најзаразни сте во првиот или два дена по појавата на симптомите. До третиот или четвртиот ден сè уште може да имате многу симптоми како резултат на активирање на вашиот имунолошки систем, но количината на вирус што ја исфрлате е помала. Иако е помала веројатноста да го пренесете вирусот во тој момент, сепак сте потенцијално заразни - вели д-р Винслоу.

Респираторниот синцицијален вирус (РСВ) е високо заразен вирус кој предизвикува воспаление на респираторниот тракт и обично предизвикува благи симптоми слични на настинка. Може да биде тешко да се направи разлика помеѓу настинка и РСВ, иако вториот обично вклучува поголемо производство на слуз. Луѓето со РСВ обично развиваат симптоми во рок од четири до шест дена по инфекцијата. Симптомите на оваа инфекција се течење на носот, намален апетит, кашлица, кивање, треска и отежнато дишење. Вирусот се пренесува преку капки кои се испуштаат во воздухот кога заразено лице кашла или кива, со директен контакт (како бакнување лице со РСВ) или со допирање на загадена површина (како што е кваката) и потоа допирање на устата, носот или очите.

Можеме да пренесеме РСВ еден или два дена пред да се појават симптомите, а потоа обично околу три до осум дена по изложувањето. По првите неколку дена од симптомите количината на вирусот што го испуштаме драстично се намалува - освен ако имунолошкиот систем не е ослабен, вели д-р Винслоу.

Што се однесува до ковид-19, во овој момент е многу заразен, вели д-р Винслоу.

-Начинот на кој овој вирус еволуирал е да стане позаразен и да предизвикува помалку проблеми, што е вообичаена стратегија за повеќето патогени во однос на нивната еволуција - објаснува тој.

Вирусот се шири преку капки и многу мали честички што ги издишуваат луѓето со ковид-19. Другите потоа може да се заразат со вирусот ако овие честички се вдишат или ако влезат во очите, носот или устата на луѓето. Поретко, честичките на вирусот можат да слетаат на површини и да се шират.

-Истражувањата потврдија дека можете да бидете заразни до 24 часа пред да се појават симптомите, а потоа сте најзаразни еден до два дена откако ќе се појават симптомите - вели д-р Винслоу.

Ако имате симптоми, треба да останете дома додека симптомите не почнат да се подобруваат.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik