Што може да научат другите земји од Шпанија, која пред една деценија беше симбол за економски неуспех
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Пред една деценија Шпанија беше синоним за економски неуспех. Се чинеше дека владата и банките се во спирала на смртта и зависни од помош. Младите ја напуштаа државата и протестираа поради немањето можности.
Куќите беа до половина изградени, а аеродромите напуштени. Но, тоа се промени.
Според весникот „Економист“, Шпанија е на пат да биде најдобра економија во богатиот дел од светот оваа година, според голем број показатели, вклучувајќи ги и бруто-домашниот производ (БДП), инфлацијата, невработеноста, фискалната политика и берзата. Економскиот раст и брзината на отворање нови работни места се поголеми отколку во САД, со што на Шпанија можат да ѝ позавидат многу богати земји.
Грција и Ирска, кои пред 10 години исто така беа погодени од кризата, годинава добро се снајдоа на економски план. Добро помина и Данска, а причината за тоа е успехот на лековите против дебелина на компанијата „Ново Нордиск“.
- Но, Шпанија е најдобриот одговор за оние што велат дека Европа е осудена на стагнација. Нејзината економија ги собира плодовите од претходните реформи. Тоа е лекција за остатокот од Европа - пишува „Економист“.
Што направи Шпанија?
„Економист“ како лекција го истакна фокусот на услугите, а не на фетишизацијата на производството.
- Иако шпанското индустриско производство не се намали толку брзо како во Германија, делумно благодарение на пониските цени на енергијата, тоа сè уште стагнира. Сепак, туризмот се врати на нивоата од пред пандемијата, а сè повеќе се извезуваат консултантските услуги и технолошките знаења. Според процената на банката ББВА, учеството на нетуристичките услуги во БДП порасна од 5,5 отсто, колку што беше пред пандемијата, на 7,8 отсто - пишува „Економист“.
Уште една шпанска лекција е отвореноста на земјата. Имено, младите порано ја напуштаа Шпанија барајќи можности за живот, а сега младите доаѓаат во оваа земја наоѓајќи можности. Дека е тоа така, покажува и фактот што бројот на странски работници е зголемен за 1,2 милиони од 2019 година, главно луѓе од Латинска Америка.
Многу од странските работници работат на ниско платени, нискоквалификувани работни места. Економијата порасна за 7 отсто од 2019 година, или за 3 отсто кога ќе се земе предвид растот на населението, што е подобро од земјите како Велика Британија и Канада, кои имаа имиграциски бум, но пад на БДП по глава на жител.
Шпанија е отворена и за инвестиции од Кина. Имено, автомобилската корпорација „Стелантис“ и кинескиот производител на батерии КАТЛ најавија дека ќе изградат фабрика за батерии во Сарагоса. Понатаму, кинескиот производител на автомобили „Чери“ ја избра Барселона како место за својата прва европска фабрика.
Она што „Економист“ го истакна како најважно е дека Шпанија спроведе структурни реформи кои донесоа долгорочни придобивки. Голем дел од успехот се однесува на реформите на банките и на пазарот на трудот.
- Финансискиот сектор се консолидира, а реформите на пазарот на трудот ги олеснија преговорите за договори и ги охрабрија работодавците да вработуваат постари луѓе - пишува „Економист“.
„Кревката влада оди во погрешна насока“
Сепак, Шпанија и понатаму има причини за загриженост. Растот на туризмот и зголемувањето на бројот на странски работници резултираат со зголемување на цените на недвижностите. Оцената на „Економист“ е дека кревката коалициска влада сега оди во погрешна насока.
- Шпанија не е во состојба да донесе реформи за долгорочен раст, што се однесува и на образованието и услужниот сектор. Донесувањето лоши регулативи ги зголемува трошоците за водење бизнис за компаниите. Земјата ќе мора да најде пари за да ги зголеми трошоците за одбрана, што во моментов е на премногу ниско ниво од 1,3 отсто од БДП - според „Економист“.
Сепак, оваа европска земја покажа дека е можно да се надминат навидум непремостливите предизвици.
Извор:
Klix.ba
Фото: Freepik