Нова ИКЕА-продавница што нема паркинг:  Кај нас нема место за автомобили

Нова ИКЕА-продавница што нема паркинг: Кај нас нема место за автомобили

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Секоја ИКЕА-продавница има простран паркинг. Така, на пример, во Бурбанк, Калифорнија, има паркинг за 1.700 автомобили. Но, бидејќи компанијата работи на намалување на јаглеродот, вклучувајќи го и загадувањето од клиентите што возат автомобили, компанијата го менува паркингот. Новата продавница на седум ката што моментално е во изградба, во која ќе биде сместена ИКЕА во центарот на Виена, ќе нема ни едно паркинг-место.

- Зградата е насочена кон пешаците, метрото и велосипедисти - нема простор за автомобили - вели компанијата на својата веб-страница.

Локацијата е веднаш до трамвајската станица и на триминутно пешачење од метро-станицата и како и другите делови од градот, лесно е достапна со велосипед. Сè што клиентот нема да може да го понесе со себе, ќе му биде доставено.

- Нашиот концепт е дека не се потребни паркинг-места бидејќи нема производи што можат да се купат, а за кои е потребен автомобил - се вели на веб-страницата. И продавниците на компанијата во другите големи градови почнуваат да преземаат слични пристапи; на Менхетн има продавница што служи само како изложбен салон.

Без потреба за паркирање, зградата има простор за други намени.

- Тоа радикално влијаеше врз нашиот дизајн - вели архитектот Јакоб Данкл, сопственик на компанијата „Керкрафт“, виенска фирма што работеше на овој проект.

- Наместо два ката за паркирање, имаме два хостелни ката. И има огромна тераса на покривот отворена за јавноста - вели тој.

1
Фото: Jo & Joe


Покривот, кој е отворен дури и кога ИКЕА не е отворена, служи како јавен парк. Зградата е опкружена со зеленило како уште еден дел од нејзината стратегија за издржливост. Ефектот „урбан топлотен остров“ - факт е дека градовите што имаат бетон кој апсорбира топлина се потопли од околните села - може да се ублажи со растенија. Бидејќи Виена се справува со зголемените топлотни бранови поттикнати од климатските промени, градот сега намерно додава нови паркови и ги охрабрува архитектите да вклучат стратегии за ладење. Зградата на ИКЕА е дизајнирана така што има простор за балкони на кои може да се засадат големи дрвја.

На сите фасади, плус покривот, има вкупно 160 дрвја.

- Ова е многу повеќе отколку што би можело да се засади на самото место - вели Данкл.

Дрвјата ќе помогнат со правење сенка на стаклените фасади, одржувајќи ја продавницата ладна во најжешките денови. Бидејќи го ладат соседството, тие ќе помогнат и во чистењето на загадениот воздух и СО2.

Архитектите велат дека дизајнот е одржлив и на друг начин: за разлика од стандардната продавница, дизајнот е естетски доволно интересен што луѓето ќе сакаат да ја имаат и во иднина.

- Веруваме во одржливоста преку идентитетот и убавината. Станува збор за флексибилна зграда што за 20-30 години ќе биде и нешто друго освен ИКЕА-продавница - вели Данкл.