Последните настани во кои жена од Струга изгуби матка и бубрег по породувањето и обвинувањата за корупција, чие расветлување допрва се очекува, повторно ја актуализираат темата за грижата за женското здравје и цената за тоа. Но и за тоа колку жените се информирани што им следува на државна сметка и каде и како може да ги пријават неправилностите.
Пациентките кои не се бремени кај избраните матични гинеколози треба да имаат бесплатни дијагностички прегледи со ултразвик или познат како ехо-преглед, колпоскопија и на земање брис. Сите гинеколошки и микробиолошки прегледи, како и биохемиски анализи, вклучувајќи го и самото породување за секоја бремена жена во земјава, без разлика дали е здравствено осигурана или не, се бесплатни. Ова го овозможуваат прописите кои се на сила. Но, тие не секогаш се почитуваат.
Последните настани во кои жена од Струга изгуби матка и бубрег по породувањето и обвинувањата за корупција, чие расветлување допрва се очекува, повторно ја актуализираат темата за грижата за женското здравје и цената за тоа. Но и за тоа колку жените се информирани што им следува на државна сметка и каде и како може да ги пријават неправилностите.
Многу жени велат дека плаќат за преглед кај гинеколог, надвор од предвидената сума, но тоа не го пријавуват.
-По 200 денари плаќам за ехо, 300 за ПАП-тест. Ми се допаѓа гинекологот, а искрено и не сум слушнала за некој што не зема пари. Фискална не добивам, парите ги зема сестрата и ги става во фиока, па ако сакам да пријавам немам како. Од друга страна, сите добри гинеколози не примаат нови пациенти или наплаќаат – вели А.С. од Скопје.
Во многу места низ државата има недостиг на ваков кадар. Но, во исто време многу жени се неинформирани за тоа што им следува бесплатно. Во исто време матичните гинеколози велат дека едвај преживуваат со парите што ги добиваат од државата за пациентките што ги водат.
-Мојот впечаток е дека државата премолчува иако знае дека жените плаќаат кај избраните гинеколози, за да не им ги зголеми парите кои им ги дава. Тоа е толку јавно, што многумина веќе го третираат како нормално, да платиш а ти следува бесплатно – вели Наташа З. од Куманово.
На групите на социјалните мрежи често може да се сретнат прашања со содржина колку се наплаќа за ПАП тест, за ЕХО и други прегледи кај гинеколог. Од одговорите на жените може да се види дека цената варира и зависи од тоа колку и какви прегледи се направени и кај кој лекар оди пациентката.
Надлежните институции постојано советуваат до пациентките да поднесат претставка или да пријават одреден сомнеж за непотребно плаќање, кое според законските прописи треба да е бесплатно, но досега нема целосно решение на овој долгогодишен проблем.
Според правилата, во гинеколошките ординации на видно место треба да биде истакнато што е бесплатно за осигурените пациенти.
Што вели протоколот за тоа што е бесплатно?
Д-р Душко Филиповски, претседател на Здружението на приватни гинеколози вели дека цената на услугите на една пациентка кај матичен гинеколог е различна во зависност од тоа дали таа е бремена или не, како и во зависност од тоа каков преглед треба да се изврши.
- Бремените жени имаат бесплатно следење на бременоста, но според точно утврдени протоколи. На пример, ехо-прегледот е бесплатен во 13, 21 и 32 недела од бременоста. Ако пациентката сака да има контрола надвор од тие прошишани протоколи, односно доаѓа и поради најразлични причини сака да биде прегледана, тогаш тој преглед мора да се наплати. Затоа најчесто доаѓа до одредени забуни. Пациентите имаат своите барања, ние секако дека нема да ги одбиеме, но одредени услуги мора да ги наплатиме, зашто и ние трошиме ресурси - посочува д-р Филиповски.
На жените кои не се бремени, еднаш на три години им следува бесплатен ПАП-тест, а за него се повикуваат пациентите по возрасни групи, според веќе определена програма.
- За ПАП-тест еднаш годишно се плаќа партиципација од 60 денари. Но, според светски правила во гинекологијата, ако трите последни теста се уредни, наредниот се прави за три години - додава д-р Филиповски.
Сепак, вели многу често во согласност со пациентката ПАП-тестовите не се даваат на читање на државните установи, зашто се случува резултатите да се чекаат со месеци. Така, кога се праќа на приватна анализа, тоа се плаќа.
- Мора да се потенцира и дека според симптоматологија и според тоа дали се работи за рутинска контрола ли не, бесплатни прегледи има и за ЕХО преглед, колпоскопија и земање на брис - нагласува гинекологот.
Посочува дека досега немале случај на пријава или претставка до здружението за колега кој наплаќал надвор од пропишаните правила.
- Тоа најчесто го прават во Фонд за здравствено осигурување или во Министерството за здравство - вели Филиповски.
Споед него, и гинеколозите имаат проблеми кои со години не се решаваат, како на пример, договорот со Фондот, кој е потпишан веќе две години, а не се спроведува.
- Договорено е дека поради зголемена ангажираност за секоја бремена жена ќе добиваме капитација од два бода, односно ако за еден пациенка месечно добиваме 62 денари, за бремена тоа треба да изнесува 125 денари. Таа разлика никогаш досега не ни била исплатена. Матичните лекари добија и предизборно ветување дека капитација по пациент ќе биде 90 денари, но и тоа не се случи - додава тој.
Фондот и гинеколозите преговараат да се утврди пакет на услуги кој ќе определи што и следува на пациентката на државен трошок.
„Пациентките да бараат фискални, нека пријавуваат, контроли има“
Кога избраниот гинеколог ќе побара пари за одреден преглед, осигуреничките треба да посочат дека се запознаени со нивните права и дека одредени прегледи кај избран лекар не се наплаќаат, посочуваат од Фондот за здравствено осигурување.
- Во оние случаи кога им било наплатено за одреден преглед, за кој знаат дека им следува бесплатно, треба да побараат фискална сметка за извршените здравствени услуги. Потоа фискалната сметка можат да ја достават до Фондот заедно со претставка во писмена форма, но може и во електронска форма - велат оттаму.
Може да се пријави и на бесплатниот телефонски број 080033222, на мобилните телефони на инспекторите од контрола кои се објавени на веб страната на ФЗОРСМ, секој работен ден од 8.30 до 20 часот, но може да се направи и електронска пријава на info@fzo.org.mk.
Од Фондот велат дека според направените контроли кај најголем број матични гинеколози не биле утврдени неправилности. Гинеколозите наплаќале на осигуренички на кои тие не се избрани лекари.
Оттаму потенцираат и дека спроведувањето на контролите е составен дел на работењето на Фондот, а санкците за прекршителите се предвидени во договорните права и обврски.
- Во надлежност на Фондот е да извршува редовни и вонредни контролни на здравствените установи со кои има склучено договор. Но, се извршуваат и контроли за кои е доставена претставка од осигурениците која може да биде во писмена форма или во електронска форма, но во прилог на преставката потребно е бидат доставени документи како доказ, а во случај на наплатени финансиски средстсва и фотокопијата од фискалната сметка. За секоја доставена пријава или претставка се изршува контрола во дадената здравствена установа. Во вонредните контроли влегуваат мобилната контрола и контролата по претставка. Редовните контроли се дел од Планот за работа на ФЗОРСМ и овие контроли се спроведуваат во текот на целата година при што ги опфаќаат сите здравствени установи меѓу кои и сите гинеколошки ординации од примарна здравствена заштита на територијата на државата. За време на извршување на овие контроли освен договорните обврски се контролира и тоа дали се наплатуваат дополнителни средства и се прави анкета на осигуреничките дали се задоволни од здравствената услуга која ја добиваат во дадената ординација и се охрабруваат да пријават доколку има наплата на дополнителни средства - посочуваат од Фондот.
Во 2019 година казнети две гинеколошки ординации
Од Фондот за здравствено осигурување посочуваат дека минатата година не добиле ниту една претставка од осигуреник за неправилно работење на одредена гинеколошка ординација, односно за наплата на дополнителни средства надвор од пропишаните .
- Но, претходната 2019 година имавме пет претставки, од кои една беше доставена од осигуреник, а останатите четири беа претставки добиени преку Народниот правобранител. Беше постапено по сите претставки поединечно, беа извршени контроли и во две гинеколошки ординации беше констатирана неправилна наплата на дополнителни средства кај осигурениците. Еден случај е претставка од осигуреник, еден е од кај Народниот правибранител. Комисија потоа постапува и ги санкционира овие ординации, согласно договорот кој го имааат потпишано со Фондот - додаваат оттаму.
Фото: Фрипик