„Мојот маж“ е катарзична претстава која ве носи кај што е најтешко да се биде - поблиску до себе!
Подготвил:
Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Публиката дише во еден здив на новата претстава на Драмски театар - „Мојот маж“ на режисерката Нела Витошевиќ. Мисијата на секое театарско дело е да допре до публиката и да предизвика реакција, да ја насмее, да ја замисли, да ја расплаче во случајот на последната премиера. „Мојот маж“ го постигна тоа!
Мајсторска драматизација на расказите на Румена Бужаровска, режисерка која секогаш многу модерно поставува текстови или драматизира други литературни видови за да зборува за современи теми од кои многумина се плашат. Сето тоа го прави на јасен модерен театарски јазик.
Сара Климоска и Филип Трајковиќ
Расказите на Бужаровска според кои е поставена претставата се четива од истоимената збирка раскази што ја освоија домашната, но и публиката во регионот. Нејзиниот исклучителен наратив и моќта да пренесе емоција, непријатна ситуација, да зборува за животот во сенка на мажот, на детето, на неостварените амбиции, да зборува за животот и смртта, режисерката Витошевиќ мајсторски ги претвори во театарска претстава. Иако во расказите на една од најчитаните авторки кај нас и на Балканот во заднина секогаш има мирис на табуа, стереотипи препознатливи за нашите општества, сепак, победува борбата да се излезе од мочуриштето во кое еден лик е втурнат.
Публиката денес не претпочита да гледа долги претстави, живееме брзо, а трпението ни е слаба страна. И кога ќе прашате колку трае некоја претстава и ќе слушнете дека е повеќе од 2 часа, се колебате дали воопшто да посетите некој театар. „Мојот маж“ трае 2 часа и 40 минути и во ниеден момент не ве „провоцира“ да го погледнете часовникот или телефонот, а притоа нема ниту една пауза.
Одлична тимска игра
Актерите Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Сања Арсовска, Трајанка Илиева-Вељиќ, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ и Исмет Шабановиќ се брилијантни, од прв до последен играа како ова да им е последната креација на истата сцена – со тело и душа и посветеност каква што треба да се учи на академија. Да натерате човек искрено да се разоткрие и да зборува за свои болки и спомени пред неколку стотици луѓе што не ги познава, тоа бара храброст, бара голема љубов кон театарот. А тоа овие актери го имаат, а имале и среќа да работат со режисерка што умее да го извади тоа од нив. Нивните лични исповеди многу природно се надоврзуваат на расказите и како да ги допишуваат.
Игор Ангелов и Емилија Мицевска
Публиката во Драмски е веќе навикната на незаборавни ролји на Игор Ангелов и на неговите колеги Илиева-Вељиќ, Трајковиќ, Мицевска. Витошевиќ речиси во секоја своја претстава им дава големи актерски залаци на помлади глумци и речиси никогаш не погрешила во процената. Така и овој пат. Актерките Сара Климоска и Наталија Теодосиева за пошироката јавност станаа познати од филмот „Врба“ на Милчо Манчевски. Иако претставата немаше главен лик, сите актери имаа еднаква тежина на улогите, сепак, Климоска имаше најголеми промени од лик во лик, играјќи машко дете, мајка, несреќна жена... Теодосиева беше маестрална во драматизацијата на расказот „Прељубник“! Младиот актер Исмет Шабановиќ ѝ даде посебен шмек на претставата и со личните исповеди, но и со специфичниот говор на телото.
Ја немаат сите актери таа среќа во сите претстави во кои играат на уште неспуштена завеса да добијат стоечки овации и аплаузи и враќање и по четири пати.
Наталија Теодосиева
Витошевиќ има свој постојан тим на соработници. Сценографијата (Константин Трпеноски) и костимите (Роза Трајчевска-Ристоска) беа совршено вклопени во концептот на претставата.
Трајанка Илиевска-Вељиќ
„Мојот маж“ е катарзична претстава која ја води публиката на местото каде што понекогаш ни е тешко да се биде - нè носи поблиску до самите нас - до спомените, стравовите, искрените емоции и мисли од кои некогаш сакаме да побегнеме!
Фото: Кире Галевски