Можете да ја истражувате површината на Марс со помош на видеа во 4К-резолуција
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Дали знаевте дека можете да патувате на површината на Марс со помош на видеа со висока резолуција, составени од „Елдерфокс документарис“.
Сликите што можете да ги видите на видеата главно се направени од трите најуспешни ровери: „Спирит“, „Опортунити“ и „Кјуриосити“. Како и другите проекти што вклучуваат фотографии од вселената, повеќето се достапни за јавноста.
Станува збор за први видеа со висока резолуција со слики од Марс. Како што објаснува „Елдерфокс“, иако камерите на овие ровери беа доста квалитетни, стапката со која тие беа способни да испраќаат податоци назад на Земјата била најголемиот предизвик.
Така, на пример, „Кјуриосити“ можел да испраќа податоци назад на Земјата со брзина на полжав: 32 килобити во секунда. Но, кога роверот се поврзал со „Марс Реконаисенс орбитер“, можел да постигне многу подобра брзина од 2 мегабити во секунда.
- Понекогаш неповолниот терен на Марс претставува вистинска опасност за роверите. Длабокиот песок, стрмните искачувања и карпестиот терен се предизвик. „Кјуриосити“ беше создаден така што овие предизвици и закани беа земени предвид - вели „Елдерфокс“.
Со слетувањето на „Персевиренс“ на површината на
Марс, на 18 февруари, научниците ќе имаат пристап до повеќе фотографии.
- Роверот ќе бара знаци на поранешен живот и ќе собира примероци од карпи и реголит. Со големината на автомобил, „Персевиренс“ е најтешкиот ровер што некогаш сме го испратиле на површината на Марс, а ќе носи различни експерименти што ќе ни помогнат да се подготвиме за идните истражувања - велат од НАСА.
Фото: Screenshot/YouTube