Дебата во Europe House Скопје: Науката и иновациите првпат обединети во европските политики

Дебата во Europe House Скопје: Науката и иновациите првпат обединети во европските политики

Улогата и застапеноста на жените во технолошките и во СТЕМ-науките беше дел од темите на дебатата „Меѓународен ден на жените и девојките во науката: Сите напред за одржлив и рамноправен развој“ што се одржа во Europe House Скопје

Колку се застапени жените во технолошките и во СТЕМ-науките, какво е нивното учество во европските проекти, колку соработуваат меѓу себе и како да ја прошират таа соработка. Ова беа дел од прашањата на дебатата „Меѓународен ден на жените и девојките во науката: Сите напред за одржлив и рамноправен развој“ што се одржа во Europe House Скопје. Дваесетина прогресивни научнички од различни сфери присуствуваа на дебатата. Една од главните идеи на Europe House Скопје е да ги вмрежи и да им отвори терен за заедничко учество во интердисциплинарни проекти.

За состојбите зборуваа Христина Спасевска, професорка на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и национален координатор во Форумот на Европскиот иновациски совет, Јелена Џокиќ, раководителка на „Фаб-Лаб“ и доцент при Машинскиот факултет, Тамара Димитрова, докторанд на ФИНКИ и основач на Едукативниот центар „Скампер“, Емилија Фиданчевски, професорка на Технолошко-металуршкиот факултет, и Мила Велковска, истражувачка и докторанд на Машинскиот факултет. Присутни беа и петнаесетина научнички и истражувачки од различни области од повеќе универзитети, млади европски амбасадорки, жени од бизнисот.

Модераторот Катарина Кречева од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) ја отвори дебатата со надеж дека ќе биде почеток на формирање заедница која понатаму ќе го поддржи вклучувањето на жените во областа на истражувањата, развојот, иновациите и образованието.

- Застапеноста на жените во науката е актуелна тема и на национално и на глобално ниво. Аспектот на истражувања, развој и иновации, особено во новите политики, се фокусира на талентот, на негово идентификување, развој, зачувување во националните економии, но и привлекување нови таленти. Меѓу нас се научнички и од техничките и од општествените науки, а тој холистички и интердисциплинарен пристап на заедничко дејствување е сè поприсутен, особено во областа на иновациите - вели Кречева и претстави повеќе програми за поддршка на иновативни проекти од различни области.

Димитровска повеќе од осум години била дел од истражувачкиот центар на Македонската академија на науките и уметностите, каде што работела на различни истражувачки проекти. Дипломирала на ФИНКИ, каде што денес е на докторски студии. Со Едукативниот центар „Скампер“ преку ФИТР развиле програма за децата уште од рана возраст да се запознаат со основата на концептите во техничките науки.

- Почнавме да работиме со рана едукација на деца преку различни типови едукативни роботи. Целта е децата да се научат од почеток да размислуваат преку примерните концепти што се користат во технологијата и да бидат активни креатори, а не само пасивни корисници на технологијата - објасни Димитровска.



Во соработка со ФИТР на УКИМ се отворени три „Фаб-Лаб“-а. Џокиќ е единствена жена-менаџер на една од лабораториите сместена на Машинскиот факултет, каде што таа работи како доцент. Според неа, тоа се места каде што младите ќе може да работат со нови технологии, ќе се дообучат, но и ќе имаат соработка со стопанството.

- Соработката со стопанството досега не беше вообичаена дејност на овие лаборатории, но преку работата на факултетот ја искусивме како доста важна и веќе имаме некои соработки. Имаме отворени повици за бесплатни обуки, а преку скрининг на апликациите ќе видиме на кои луѓе што им треба за да креираме поспецифични активности. На обуките имавме околу 600 пријавени
- вели Џокиќ и потенцира дека лабораторијата нуди многу можности.

Во земјава е во процес на изработка Национална стратегија за паметна специјализација, која првпат ги идентификува силните страни во нашата научноистражувачка дејност и индустријата. На регионално ниво само нашата земја ја нема оваа стратегија, но сите европски програми, Хоризонт, Еразмус, Еурека, се базираат и се повикуваат на овие документи, вели Фиданчевски, која е активно вклучена во процесот на претприемничко откривање.

- Оваа стратегија ќе биде патоказ за трансформација, за промени. Најголем удел и значење им се даде на индустријата, образованието, на владиниот и невладиниот сектор. Сите ќе учествуваат во стратегијата оти ги интегрира научните предизвици, иновативните, економските и се осврнува на социјалните предизвици на едно општество. Иднината е во мултидисциплинарноста, тие проекти секогаш даваат повеќе - вели Фиданчевски.

Спасевска како професор 15 години работи проекти од Европската комисија, на повеќето од нив е лидер на тим. Во последните десетина години со европски пари беше формирана голема лабораторија на ФЕИТ. Таа зборуваше за новостите и можностите што ги нуди Форумот на Европскиот иновациски совет.

- Тоа е место каде што се креираат политики на високо ниво, вклучени се владини институции од сите земји на ЕУ, но и ние како земја апликант. Форумот е место каде што се креираат политиките како ќе се движат иновациите и науката. Европа препозна дека поврзувањето на науката со иновациите е клучно за квалитетот, за напредокот на општество и на технологиите. Без квалитетна наука и вложување во науката, не можеме да имаме иновации кои директно ќе го подобрат животот на граѓаните. Формирани се пет работни групи и првпат иновациите и науката се спојуваат во едно, што е од исклучителна важност - вели Спасевска.

Велковска е проектен истражувач во Националниот центар за развој на иновации и претприемничко учење и студентка на докторски студии на Машинскиот факултет, на насоката индустриско инженерство и менаџмент.

- Отсекогаш ме интересирала науката, но и какво влијание оставаме на општеството. Затоа е многу важна интердисциплинарноста во студиските програми - вели Велковска.

Според неа, Националниот центар во последните години е насочен кон развој на зелени вештини, одржлив развој, одговорно истражување и иновации. Велковска нагласи дека е неопходно да ги користиме европските програми преку кои се стекнуваат значајни искуства.

(Комерцијална објава)