Не е предвиден академски испит во предлог-законот за средно образование
Подготвил:
Жанета Здравковска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Не е предвиден академски тест во новиот предлог-закон за средно образование, одговорија од МОН за Факултети.мк. Ова е спротивно на најавите од 16 јануари годинава од страна на Владата дека со предложените законски измени посебна новина што се воведува е полагањето стручна матура и влезен академски испит.
Во владиното соопштение испратено до медиумите тогаш пишуваше дека влезен академски испит за запишување на факултет полагаат ученици кои сакаат да го продолжат образованието на високообразовните установи.
Во одговорот од Министерството за образование што сега го доби нашата редакција преку барање за слободен пристап на информации, а во кое како имател на информацијата е потпишан министерот Јетон Шаќири, пишува дека во новиот предлог-закон за средно образование не е предвиден влезен академски тест.
Во предлог-законот за средно како испити на крајот од ова образование се предлагаат државна матура, државна стручна матура, државна уметничка матура, училишна гимназиска матура, училишна стручна матура, училишна уметничка матура, завршен испит или програма за меѓународна матура.
Во предлог-законот не се споменува никаков академски испит за влез на факултет, туку пишува дека учениците што положиле државна матура или државна стручна матура или државна уметничка матура или меѓународна матура, можат да го продолжат своето образование на високообразовна установа, согласно критериумите за запишување на високообразовната установа.
Понатаму, пишува дека учениците од гимназиското образование полагаат државна матура и/или училишна гимназиска матура. Оние од меѓународна програма за средно образование (ИБ диплома програма) полагаат меѓународна матура и/или државна матура. Средношколците од стручното образование со четиригодишно траење полагаат училишна стручна матура и/или државна стручна матура и/или државна матура. Учениците од средното уметничко образование полагаат училишна уметничка матура и/или државна уметничка матура и/или државна матура.
По завршувањето на последната година на стручното образование со двегодишно, односно со тригодишно траење, учениците полагаат завршен испит. За овој тип завршен испит не се предвидува упис на факултет.
Концепцијата за испити на крајот од средното образование ја изготвува Државниот испитен центар, а ја утврдува министерот, на предлог на Државниот матурски одбор.
Термините за полагање на испитите за заокружување на средното образование се организираат согласно календарот за организација и работа на средното училиште. Кандидатот кој не се пријавил во роковите може да го стори тоа најдоцна 60 дена пред јунската испитна сесија, а со тоа плаќа надоместок на сметката на Државниот испитен центар.
Надлежнa установа за спроведување на државната матура е Државниот испитен центар. Но, највисоко надлежно тело за спроведување на матурата е Државниот матурски одбор, кој го формира министерот.