НАСА истражува бактерии отпорни на антибиотици во вселената
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во обид да дознае повеќе за здравјето на астронаутите и влијанието на вселената врз човечкото тело, НАСА започна нов експеримент на Меѓународната вселенска станица за побрзо откривање бактерии отпорни на антибиотици. Ова ќе помогне не само за здравјето на астронаутите, туку и за пациентите на Земјата.
Бактериските инфекции што не реагираат на антибиотици се глобален здравствен проблем и водечка причина за смртност. Идните мисии на Месечината и Марс ќе зависат од однапред обезбедени резерви на антибиотици, па нивната ефикасност е од клучно значење.
Експериментот ГЕАРС (Геномско избројување на отпорност на антибиотици во вселената), кој го управува Истражувачкиот центар „Ејмс“ на НАСА, вклучува астронаути кои собираат примероци од внатрешните површини на станицата за да ги тестираат за бактерии како „Enterococcus faecalis“, чест микроорганизам во човечкото тело. Ова е првиот чекор кон подобро разбирање на развојот на микроорганизмите во вселенска средина и нивната примена во истражувањата на Земјата.
- Бактеријата „Enterococcus“ е со нас уште од древни времиња и е клучен дел од човечката флора. Може да преживее во и надвор од телото, што ја прави втор најчест причинител на болнички инфекции. Наша цел е да разбереме како оваа бактерија се адаптира на вселената - вели Кристофер Кар, истражувач на ГЕАРС.
Овој експеримент го унапредува досегашниот мониторинг на микроорганизмите на станицата, кој започна во 2000 година. Сега, покрај идентификација, се испитува и нивното однесување во вселената.
Примероци изложени на антибиотици
- Меѓународната вселенска станица е блиску до Земјата, што ја прави идеално место за проучување на овие бактерии пред мисиите на Месечината и Марс, каде што набавките на антибиотици ќе бидат потешки - вели Сара Волас, микробиолог во НАСА.
Наредната година астронаутите ќе земаат примероци од различни делови на станицата кои ќе бидат изложени на антибиотици за да се анализира нивната отпорност. Првите тестови открија многу мал број резистентни бактерии и ниту еден случај на „Enterococcus faecalis“, што е позитивен знак.
- Некои бактерии можеби биле отстранети со претходното чистење - вели Кар. За да добијат попрецизни резултати, некои области на станицата намерно не биле чистени пред следниот круг тестирања.
Овој проект е првиот што спроведува метагеномско секвенционирање во вселената, метод кој ја анализира целата генетска содржина во примерокот за да ги идентификува сите присутни организми. Ваквиот пристап може значително да придонесе за брзото откривање на бактериите не само во вселената, туку и во болниците на Земјата, каде што антибиотската резистенција е сериозен проблем.
- Ова истражување може да спаси животи - над 35.000 луѓе годишно умираат од инфекции отпорни на антибиотици. Ако можеме брзо да анализираме бактерии во вселената, можеме и на Земјата - вели Волас, која лично изгубила член на семејството поради болничка инфекција.
Извор:
Nasa.gov
Фото: NASA