Вистинското лице на нашето образование се покажа во кризата, медицински техничар од Велебрдо сведочи за коронавирусот во Италија...

Вистинското лице на нашето образование се покажа во кризата, медицински техничар од Велебрдо сведочи за коронавирусот во Италија...

Што точно значи вонредна состојба, вистинското лице на македонското образование се виде токму во оваа голема криза кога имаме прекин на класичниот образовен процес, како изгледа да се работи во болница во градот Падова, регион Венето, кој е еден од најпогодените од коронавирусот, ни долови Омер..., медицински техничар со потекло од Македонија. Студентите треба да ги бараат своите права и да бидат авангардата на земјата, тврди нивниот лидер Борјан Ефремов. Ова се дел од темите што ги работевме изминатата недела.


Проф. Тамара Ќупева со своите ученици во гимназијата „Орце Николов“

Во ера на интернет и достапни ресурси, речиси е неправедно и неоправдано да се биде пасивен и нељубопитен за новините што ги носат времето и генерациите. Ако сакаме да бидеме целосно објективни, фер е да се прашаме и ние самите, наставниците, колку сме направиле личен исчекор за тие посакувани промени навистина да се случат?

За слабостите што ги покажуваме во нашето образование поразговаравме со д-р Тамара Ќупева, професорка во средното училиште „Орце Николов“ во Скопје. Таа е долгогодишен истражувач во областа на образованието и комуникациите, доктор на филолошки науки, автор на десетици стручни трудови и книги.  

- Од она што можевме да го видиме деновиве, МОН презентира неколку едукативни платформи и еден нов медиумски производ – „ТВ училница“. Дел од понудените дигитални материјали се боенки и игри со едукативен карактер, визуелни и аудиосликовници, вежби за учење англиски јазик, дигитална библиотека и слични содржини наменети за помалите ученици. Сами по себе, тие се интерактивни и мултимедијални, што е доволно за активно вклучување на децата. Проектот „ТВ училница“ се покажа како интересен телевизиски производ, наменет за децата од пониските одделенија. 

Но, ова се ресурси што не можат да бидат целосно системско решение затоа што не нудат материјали или платформи за вклучување и на повозрасните ученици. Уште повеќе, овој тип наставни материјали се активности за работа дома (боење, гледање, слушање) без директно вклучување на наставникот во процесот на интеракција со овој материјал - вели таа. 



Што точно значи вонредна состојба?

Кога станува збор за здравјето на граѓаните, не треба да има никаква импровизација, парцијализам или политичко тактизирање затоа што здравјето е врвен приоритет и стои највисоко на агендата на државата, вели проф.д-р Оливер Бакрески од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет од Скопје.

- Со прогласувањето на вонредната состојба поради сериозноста на заканата од вирусот Ковид-19, со кој се соочува нашата држава, а и речиси сите држави во светот, основното прашање што си го поставуваме денес е што претставува вонредната состојба, што ќе значи за граѓаните оваа состојба, а што за целокупното општество. Нема дилема и по прогласување на вонредната состојба и претходно, пред да се воведе и за време на прогласена кризна состојба во општините Дебар и во Центар Жупа, централната улога за справување со вирусот ја има Владата, затоа што таа единствено има ингеренции и е задолжена за оперативно дејствување и мобилизирање на сите форми на организација и дејствување, како и обезбедување координација за кризно раководење со државата. Овој структурен изоморфизам симплифицира оперативност во извршување на преземените мерки за надминување на состојбата со вирусот.



Омер Асани, медицински техничар во болница во Падова

Мојот совет за македонските здравствени работници е да користат што е можно повеќе заштитна опрема, да бидат посветени на болните што имаат потреба од нега. Ова е многу тежок период за сите нас што сме на првата линија, во директен контакт со овој проклет вирус – вели Омер Асани, медицински техничар кој работи во една од најголемите болници во Падова, во регионот Венето.
Во интервјуто за Факултети.мк, Асани раскажува со какво зло се соочува Италија и колку се храбри медицинските лица, кои се борат за секој живот.
- Италија се соочува со незапаметена трагедија. Оваа недела состојбата е многу тешка, местата на одделите за интензивна нега се сè помалку, а состојбата е многу критична во регионот Ломбардија, кој е најголемото жариште со најголем број инфицирани и починати лица.



Дигитализацијата е многу поевтина од печатење учебници за сите ученици, стручни преводи итн. Да се вложеше во речиси бесплатни платформи и да се работеше на дигитализација на библиотеките, набавка на дата-бази, сега ќе имавме сосема поинаква состојба, вели проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет при УКИМ. Со него разговараме како во вонредни услови се одвива наставата со околу 3.000 студенти во сите циклуси, на факултет за општествени науки. Дуев вели:
- Од оваа состојба, сите ние што работиме во образованието и ресорните министерства мора да извлечеме голема поука. Првпат во мојата кариера се соочувам со вонредна состојба од ваков вид. Но, сакаме да бидеме полезни за заедницата и за нашите студенти и се снаоѓаме и изнаоѓаме разни решенија за да може Факултетот да функционира и во вакви услови - вели тој.


Борјан Ефтимов

Подобра комуникација со студентите, враќање на довербата кон студентското здружување и поголема вклученост во решавање на реалните проблеми на студентите, ветува Борјан Ефтимов, новиот лидер на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Магистранд на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, активен во студентски организации и борец за права на студентите, Ефтимов е категоричен дека претседателот не треба да биде егоцентрик кој ќе сака да ја држи целосната контрола, секаде да биде „главен“ и сите заслуги да ги зема за себе.


Елизабета Секирарска

Kоронавирусот, најновиот формат на човечкото уништување, се всели и кај нас. Многу сериозно, многу упорно и се чини многу тешко за држење под контрола. Се распосла низ земјата и сериозно го зафати нејзиното ткиво, а со оглед на убедливиот освојувачки поход на коронавирусот, Светската здравствена организација прогласи пандемија, пишува професорката Елизабета Секирарска во нејзината колумна.

- Ова значи дека состојбата со ширењето на вирусот е надвор од контрола и веќе потешко може да се следи неговото движење. Затоа она што во моментов е битно е сфаќањето на сериозноста на состојбата, пред сѐ, и однесувањето на секој од нас согласно нејзината тежина, затоа што единственото најважно нешто што сега ни е потребно е свесноста за опасноста на која сме изложени. Секако, и согледувањето што можеме и мораме да направиме во вакви услови.

И професорот Љупчо Кеверески се осврна на проблемите со коронавирусот, овојпат анализирајќи ја силата на емпатијата.
- Поводот за овој напис е дамнешен, но причината е актуелна, кога секој од нас треба да го даде својот придонес и да манифестира највисока лична и професионална одговорност. Во услови кога во светот „беснее“ најфреквентниот збор во нашиот речник според идната класификација на фреквенција на зборови (коронавирусот/Ковид-19), светот е пред задача да ја поврати силата на емпатијата, која има највисока психолошка цена за нашата иднина. Зошто? 
Затоа што сигурно секој од нас повеќе или помалку се прашувал што би се случило кога треба да го провериме нашиот емпатички капацитет во услови на нарушување на „нашиот физички и психолошки комфор“?

Бизнис-заедницата побара пошироки мерки за помош на компаниите поради кризата со коронавирусот. Да се дополнат и прошират економските мерки за справување со ударот предизвикан од ширењето на коронавирусот, бара домашната бизнис заедница. Компаниите, преку Стопанските комори веќе ги претставиле своите барања откако Владата го објави првиот пакет мерки. 

Меѓу најзасегнатите сектори се туризмот, угостителството и транспортот, но не се поштедени ниту другите дејности. Најавите за затворање на капацитети стигнуваат секојдневно, а компаниите алармираат дека ќе немаат за исплата на плати на работниците. Туристичките агенции, кои настрадаа меѓу првите од ударот на коронавирусот, бараат да се прифати ваучер системот, додека, пак, угостителите кои ги затворија рестораните и сместувачките капацитети е извесно дека додека трае кризата нема да плаќаат авторски права кон ЗАМП.