Симболот на стара Југославија, покрај култот на ликот и делата на Јосип Броз Тито и популарното „фичо“, била првата југословенска лимузина „стоеден“, односно автомобилот „застава 101“. Овој автомобил ѝ станал познат на нашата и на светската јавност пред нешто повеќе од четири децении, кога група ентузијасти и новинари одлучиле да го однесат на патување од фабриката во Крагуевац до Килиманџаро.
Иако била заборавена, познатата КК експедиција повторно стана познат историски факт во автомото светот на поранешна Југославија по истражувачката работа на Новица Марковиќ, еден од основачите на клубот „Застава 101“. Неговите соговорници во ова интервју се најзаслужни за продолжението на приказната за експедицијата на КК, поточно проф. д-р Милан Ракочевиќ, творец на идејата на експедицијата, Бранко Балетиќ, режисер на филмот „Крагуевац - Килиманџаро“, Зоран Симјановиќ, филмски композитор и Миодраг Барлов, механичар на „Застава“. Годинава, поточно во февруари, се навршија 49 години од овој подвиг, пишува веб-страницата „Аутославија“.
Експедицијата Крагуевац - Килиманџаро ја смислил Милан Ракочевиќ додека планинарел по пустините на Африка, а во организацијата му помогнал Бранимир Периќ-Џо, шампион во рели-спортови. Драган Дракулиќ, тогашниот директор на „Црвена застава“, видел дека предлогот за експедиција е идеална можност да се промовира најдобриот модел на југословенската автомобилска индустрија, но и шанса да се тестира „стоеденот“ во ненормални услови.
„Застава 101“ - симболот на стара Југославија на патот од Крагуевац до Килиманџаро
На 14 февруари 1975 година експедицијата тргнала од Крагуевац до Килиманџаро, долга над 11.000 километри. Поминала низ многу земји и градови: Крагуевац, Скопје, Гевгелија, Атина, Александрија, Најроби...
Големо олеснување во оваа голема авантура било постоењето на сојузот на „Неврзаните“, а југословенскиот пасош отвори многу врати и ги омекна ставовите на локалните власти, па експедицијата била испратена со поздрав до Тито.
Со оглед на тоа што немало ГПС, честа пречка биле непрецизните карти. Се случувало да тргнат по погрешен пат, па проблемите ги решавале попатно и ефикасно.
Факт е дека повеќето производители на автомобили не можат да се пофалат со ваква авантура. Иако формално патишта постоеле, во реалноста тоа не било секогаш случајот. Каменоломи, суви речни корита, трње, пожари, џунгли каде што се движеле претежно диви животни, а не луѓе, сето тоа биле големи предизвици.
Најголемиот проблем со автомобилите било потонувањето во песокот во пустината, затоа што членовите на експедицијата морале да туркаат, копаат и да ја искористат сопствената сила за да ги извадат автомобилите од песокот.
Милан Ракочевиќ со широка насмевка сè уште тврди дека „застава 101“ е навистина најдоброто возило што можеле да го изберат за експедицијата, лесно, стартно, доволно брзо и економично. Возењето низ пустината било голем предизвик, требало да се вози над 120 км/ч за да не потонат тркалата во песокот, но условите за такво возење не биле насекаде можни, а потоа автомобилите се извлекувале со раце.
Покрај екстремното возење, човечката судбина и ситуацијата во Африка биле шокантни за авантуристите. Жителите на Африка сè уште биле дел од племиња, ловеле дивеч со копја и стрели. Во многу оддалечени области луѓето немале облека на себе, оделе голи. Имало и болни и повредени, а секаде каде што застанувала експедицијата на КК, а некој од локалното население било во неволја, со сите сили и со дозволеното трошење на пакетите лекови помагал докторот на експедицијата, Богдан Шеклер.
Во едно село, Милан Ракочевиќ му подарил крпа од својот турбан на еден млад човек, а благодарноста била толку голема што таткото на младичот инсистирал да му подари една коза од стадото, која авантуристите едвај успеале да ја одбијат. Кога Миле Јелесијевиќ на еден ловец висок два метра му подарил обични бели гаќи, тој бил толку среќен што скокал со сета своја сила.
Интересни биле средбите со дивите животни, а за тоа сведочат и фотографиите. „Застава 101“ поминала меѓу антилопи, лавови, зебри, слонови, камили.
Југословенските весници кои ексклузивно објавувале написи и фотографии биле: „Илустрована политика“, „Новости“, „Борба“ и „Вијесник“. Главен медиум бил „Танјуг“. Тоа било време кога информациите се пренесувале преку телефон или телекс, а фотографиите се испраќале по авионска пошта. Експедицијата на КК ја следеле и странските медиуми од Европа, а посебно внимание посветиле медиумите на земјите низ кои поминала експедицијата.
Експедицијата била успешно завршена во Танзанија со планинарење и освојување на врвот на Килиманџаро, Џилманс поинт.
Членовите на експедицијата се вратиле во Белград со авион, а сите 5 автомобили „застава 101“ биле натоварени на товарен брод во Танзанија и испратени во Атина, каде што членовите на експедицијата повторно ги презеле и ги донеле во Крагуевац. Еден од автомобилите бил изложен на Саемот за автомобили во Белград во 1975 година, каде што биле присутни сите членови на експедицијата и публиката ги поздравила со громогласен аплауз.
Автомобилите потоа биле дистрибуирани по филијалите на „Застава“, каде што го дочекале крајот на работниот век. Сепак, прототипот „застава 101“ од 1969 година во одреден момент бил стилизиран како „стоеден“ од експедицијата и како таков е под државна заштита во хангар во Крагуевац.
Фото:
Facebook