Франција се подготвува за војна: Обезбедете вода, конзервирана храна, завои, батерии...
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Француската влада планира да дистрибуира „прирачник за преживување“ до сите домаќинства за да ги подготви граѓаните за непосредни закани, вклучувајќи и вооружен конфликт на француска територија.
- Прирачникот за преживување има цел да ги поттикне граѓаните да се соочат со различни кризи. Ова опфаќа природни катастрофи, технолошки и сајбер-инциденти, здравствени кризи како ковид-пандемијата, како и безбедносни закани, вклучувајќи терористички напади и вооружени конфликти - изјави портпаролката Франсоа Бајрu.
Ако премиерот Бајру го одобри планот, брошурата од дваесет страници ќе биде испратена до сите домаќинства пред почетокот на летото. Францускиот пристап е сличен на стратегиите на Шведска и Финска, кои веќе дистрибуираа вакви прирачници до милиони граѓани. Тие содржат упатства за тоа како да се подготвите за воен конфликт, прекини во комуникацијата, снемување струја и екстремни временски услови.
Каква ќе биде содржината на прирачникот?
Новиот прирачник ќе биде сличен на интернет-страницата на француската влада, која од 2022 година нуди совети за справување со итни ситуации.
Тој ќе биде поделен на три дела и ќе вклучува практични насоки за тоа како да се заштитите себеси и вашето семејство при непосредна опасност. Меѓу препораките ќе има:
- Листа со итни контакти (пожарникари, полиција, итна помош);
- Информации за радиофреквенции што треба да се следат;
- Упатства за затворање на сите врати во случај на нуклеарен инцидент;
Дополнително, ќе има насоки за тоа како граѓаните можат да помогнат во одбраната на заедницата, на пример, преку волонтирање во резервните воени сили или во локалните противпожарни единици.
Подготвеноста на нордиските земји е поголема
Прирачникот ќе советува граѓаните да обезбедат резерви од основни потреби: неколку литри пакувана вода во шише, конзервирана храна, батерии и батериска ламба во случај на прекин на електричната енергија. Се препорачува и набавка на медицински материјали, вклучително парацетамол, завои и физиолошки раствор.
- Не се плашам дека ќе има војна во Франција, но луѓето мора да знаат што да направат. Во секое домаќинство треба да бидат обезбедени основните работи како лекови и храна - изјави Муса Саки, 19-годишен келнер од Париз.
56-годишната Карин Ланглоа е скептична за можноста од вооружен судир во Франција.
- Не верувам дека ќе има војна. Улогата на претседателот Емануел Макрон не е да посредува меѓу Трамп и Путин. Постојат многу поитни проблеми што бараат внимание тука, во Франција - изјави Ланглоа.
25-годишната наставничка Лор Морг д’Алг вели дека е против војната, но смета дека прирачникот има смисла од превентивен аспект.
- Нордиските земји, како Шведска и Данска, се психолошки подобро подготвени од Франција - додава таа.
Реформа на француските безбедносни сили
Портпаролката на премиерот истакна дека првиот чекор за ангажман на граѓаните е информираноста за заканите и следењето на ажурираните информации.
Овој месец Макрон најави сеопфатна реформа на француските безбедносни сили, вклучително и план за зголемување на бројот на резервисти од 40.000 на 100.000 до 2035 година.
При посетата на воената база во Источна Франција, Макрон објави дека наскоро ќе бидат претставени дополнителни мерки за зајакнување на воените капацитети, инвестиции и опрема.
Фото: Freepik