Лондонски пар бара да се урне облакодер вреден 42 милиони евра бидејќи им правел сенка
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Сопружниците Стивен и Џенифер Пауел, сопственици на луксузен стан вреден милион евра на јужниот брег на Темза, се во судски спор со инвеститорите на нова деловна 17-катна зграда. Нивниот главен проблем? Огромниот облакодер „Арбор“ им го блокира природното осветлување до таа мера што, како што велат, повеќе не можат ни да читаат в кревет.
Заедно со својот сосед Кевин Купер, тие покренаа правен процес против инвеститорите, компанијата „Ладгејт хаус“, барајќи судска забрана за користење на зградата, а во краен случај нејзино уривање.
„Светлината не е луксуз, туку основна потреба“
Тим Каланд, адвокат на тужителите, истакна дека правото на природна светлина не е само прашање на удобност, туку и на здравје, добросостојба и продуктивност - вредности со кои самите инвеститори на „Арбор“ се фалат во своите реклами.
- Господинот Купер го купи својот стан токму поради изобилството на природна светлина, што му е многу важно нему и на неговото семејство - изјави Каланд.
Стивен Пауел, пак, веќе 20 години живее во „Банксајд Лофтови“ и го избрал својот дом не поради погледот, туку поради светлината. Единствениот начин да се зачува ова право, тврди Каланд, е со судска забрана. Доколку не успеат да ја добијат, ќе бараат правична отштета.
На спротивната страна, адвокатот на инвеститорите, Џон Мекги, смета дека загубата на светлина не е доволно значајна за да влијае врз квалитетот на живеење во становите.
- Во најголемиот дел од случаите сопствениците на соседните објекти постигнуваа договор со инвеститорите, добивајќи симболични исплати - вели тој.
Мекги тврди и дека вистинската цел на тужителите е финансиска добивка, бидејќи веќе им биле понудени 43.485 евра на Пауелови и 31.422 евра на Купер за да се откажат од своето барање, но тие одбиле.
- Ова е обид за изнуда - вели адвокатот на инвеститорите.
Судењето продолжува, а дали облакодерот ќе остане, останува судот да одлучи.
Извор:
Index.hr
Фото: Google maps/Screenshot