Оваа земја е најдепресивна во Европа

Оваа земја е најдепресивна во Европа

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Ново истражување за нивото на депресија во Европа, кое ги анализира и разликите меѓу помладите и постарите генерации, покажува загрижувачки податоци за Франција.

Франција можеби ја имала највисоката стапка на депресија во Европа уште пред пандемијата, според нова анализа на здравствената анкета од 2019 година. Истражувањето, спроведено од статистичкиот оддел на француското Министерство за здравство и социјални прашања, открива дека стапката на депресија во Франција пред пандемијата била околу 11 отсто, што е највисока меѓу европските земји.

Оваа анализа се базира на податоци од Европската здравствена анкета, која се спроведува на секои шест години и вклучува околу 300.000 испитаници од Европската Унија, Норвешка, Исланд и Србија.

Како е проценета депресијата?


Ова е првпат Министерството за здравство и социјални прашања на Франција да ја користи анкетата од 2019 година за мерење на депресијата, при што податоците се базирани на осум прашања од стандардниот прашалник за здравствена состојба на пациентите. Истражувањето се фокусирало на тоа дали некоја личност имала симптоми на депресија во последните две недели според одредени критериуми.

Резултатите доаѓаат во време кога многубројни истражувања укажуваат на растечка ментална здравствена криза поради пандемијата, особено кај младите во Франција и други европски земји.

Новото истражување се фокусирало на две специфични возрасни групи: младите од 15 до 24 години и постарите лица на возраст од 70 години и повеќе.

Жослин Кабош, директорка за истражување во францускиот Национален центар за научни истражувања, истакнува дека нема едноставно објаснување зошто Франција бележи релативно повисоко ниво на депресија од другите земји, но тоа може да се должи на „акумулација на различни фактори“.

- Иако имаме релативно добри здравствени и образовни услуги, сè уште се потребни значителни инвестиции во грижата за постарите лица - додава Кабош. Таа смета дека состојбата може да се подобри со поголемо вложување во психијатријата и терапевтските иновации.

Што ја предизвикува депресијата во Европа?

Истражувањето покажува дека највисокото ниво на депресија е забележано во Северна и Западна Европа. Меѓутоа, во јужните и источните европски земји депресијата е ретка кај младите, но е значително повисока кај постарите лица, особено кај оние над 70 години.

unija

Во Португалија, Романија и Хрватска стапката на депресија кај постарите лица надминува 15 отсто. Според податоците, жените во постара возраст се почувствителни на депресија отколку мажите, а оние со лоша здравствена состојба имаат поголема веројатност да бидат депресивни.

Со оглед на тоа што во Источна и Јужна Европа голем број постари лица пријавуваат лоша здравствена состојба, тоа може да објасни зошто депресијата е почеста во тие земји. На пример, во Хрватска и Латвија, каде што речиси 40 отсто од постарите лица пријавуваат лошо здравје, стапката на депресија е 16 и 9 отсто.

Социјалната изолација и губењето партнер исто така се фактори што придонесуваат за зголемување на депресијата кај постарите лица.

Каде е најизразена депресијата кај младите?

Кај младите Европејци, највисоките стапки на депресија се забележани во Данска, Шведска и Финска, а веднаш потоа следуваат западноевропските земји. Од друга страна, депресијата е помалку присутна кај младите во Источна и Јужна Европа.

- Импресионирана сум од разликите меѓу стапките на депресија кај младите и постарите лица во Југоисточна Европа и од фактот дека младите во Северна Европа се значително поподложни на депресија, додека кај постарите лица таа се намалува со возраста - вели Лиза Трој, авторка на истражувањето.

Во земјите со повисоки стапки на депресија кај младите, таа е поврзана со социјална изолација, невработеност или неизвршување образовни активности, како и со пониско ниво на приход.

Кабош додава дека негативно влијание имаат и социјалните мрежи преку поттикнување штетни социјални споредби, загриженост за телесниот изглед, особено кај девојките, помалку сон и зголемен ризик од сајбер-насилство. Лошата здравствена состојба кај младите, според истражувањето, значително го зголемува ризикот од депресија, дури за 32 процентни поени.

Авторите на истражувањата предупредуваат дека податоците од Европската здравствена анкета имаат одредени ограничувања, вклучувајќи разлики во методите на испитување на менталното здравје во различни земји. Сепак, истражувањето јасно укажува на тоа дека депресијата останува значаен проблем во Европа и дека се потребни подобри механизми за справување со неа.

Извор: Euronews.com
Фото: Freepik