Зошто не се сеќаваме на периодот кога сме биле бебиња?

Зошто не се сеќаваме на периодот кога сме биле бебиња?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кој е најраниот спомен на кој можете да се сетите? Додека многу луѓе имаат јасни сеќавања од детството, научниците откриваат дека речиси никој не може да се сети на периодот од првите години од животот. Ова изгледа чудно со оглед на тоа дека токму во овој период бебињата учат основни психолошки концепти, градат врска со родителите и развиваат чувство за сопствената личност.

Долго време експертите ја припишуваа оваа појава, позната како „инфантилна амнезија“, на развојот на хипокампусот, делот од мозокот кој е одговорен за складирање на меморијата. Но, ново истражување на Универзитетот „Јејл“ покажува дека одговорот е посложен. Човечкиот мозок почнува да создава спомени уште во првите месеци од животот, но тогаш се поставува прашањето: каде исчезнуваат тие спомени?

Бебињата создаваат меморија, но не можат да ни ја пренесат


Истражувањето, објавено во списанието „Сајнс“, опфатило експеримент во кој научниците им покажувале на бебиња серија нови слики, а потоа ги тестирале за да утврдат дали ќе ги препознаат. Оваа способност да се сетат на претходно видени настани е форма на епизодна меморија, која кај возрасните ни овозможува да се потсетиме, на пример, на некое патување или спортски натпревар.

Сепак, тестирањето на епизодната меморија кај бебињата е предизвик. Тие не можат вербално да ни опишат што помнат. Поради тоа, истражувачите користеле функционална магнетна резонанса (фМРИ) за да ја следат активноста на хипокампусот додека бебињата ги гледале сликите.

Тајната е во хипокампусот


Резултатите покажале дека колку е поактивен хипокампусот при првото гледање на сликата, толку е поверојатно дека бебето ќе ја препознае подоцна. Дополнително, научниците го анализирале и однесувањето на бебињата.

- Кога бебињата веќе виделе нешто претходно, очекуваме подолго да го гледаат кога повторно ќе им биде прикажано - објаснува професорот Ник Турк-Браун, коавтор на истражувањето.

Истражувањето покажало дека задниот дел на хипокампусот, кој е поврзан со складирање епизодни мемории кај возрасните, бил најактивен при препознавање на сликите. Најсилни траги од оваа меморија биле забележани кај бебиња постари од 12 месеци, што сугерира дека способноста за паметење се развива постепено во првите години од животот.

Дали спомените исчезнуваат?


Претходните истражувања на Турк-Браун покажале дека бебињата уште од три месеци покажуваат статистичко учење – процес во кој учат да препознаваат шаблони во околината, како изгледаат згради или кои обичаи се практикуваат за време на празници. Овој вид меморија се развива пред епизодната меморија бидејќи е клучен за усвојување на јазикот, визуелната перцепција и концептуалното размислување.

Но, главното прашање останува: што се случува со најраните спомени?

Научниците имаат две теории. Според првата, овие спомени никогаш не стигнуваат до долготрајното складирање. Според другата, тие остануваат заклучени во мозокот, но немаме пристап до нив.

- Ја разгледуваме можноста овие спомени да преживуваат во некоја форма и во зрелата возраст, но тие остануваат недостапни за нас - вели Турк-Браун.

Извор: Popsci.com
Фото: Freepik