Астрономите пронајдоа прекрасен систем од шест планети во речиси совршена орбитална хармонија

Астрономите пронајдоа прекрасен систем од шест планети во речиси совршена орбитална хармонија

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Досега имаме откриено стотици ѕвезди со многу планети што орбитираат околу нив, расфрлани низ целата галаксија. Секој ваков систем е уникатен, но системот што орбитира околу ѕвездата ХД 158259, оддалечен 88 светлосни години, е навистина посебен.

Самата ѕвезда има слична маса како Сонцето. Околу неа орбитираат околу шест планети: супер-Земја и пет мини-Нептуни.


По седумгодишното следење и набљудување, астрономите открија дека сите шест планети орбитираат околу ѕвездата во речиси совршена орбитална разонанција. Ова откритие би можело да ни помогне подобро да ги разбереме механизмите за формирање на планетарен систем и како тие завршуваат во конфигурациите што ги гледаме.

Орбиталната резонанција е кога орбитите на две тела околу нивното матично тело се тесно поврзани бидејќи двете орбитални тела вршат гравитационо влијание едно врз друго. Во Сончевиот Систем ова е реткост кај планетарните тела; веројатно најдобар пример се Плутон и Нептун.

Овие две тела се во она што е опишано како 2:3 орбитална резонанција. За секои два круга што Плутон ги прави околу Сонцето, Нептун прави три.

1
Фото:NASA

Орбиталните резонанции се идентификувани и кај егзопланетите. Но, секоја планета што орбитира околу ѕвездата ХД 158259 е во речиси 3:2 орбитална резонанција со следната планета надвор од ѕвездата. Тоа значи за секои три орбити што ги прави секоја планета, наредната извршува два круга.

Користејќи мерења направени со помош на спектограмот „СОФИ“ и телескопот „ТЕС“, меѓународен тим од истражувачи предводени од астрономот Натан Хара од Универзитетот во Женева, Швајцарија, бил во можност прецизно да ги пресмета орбитите на секоја планета.

Тие се многу тесни. Почнувајќи од најблиската планета до ѕвездата - супер-Земјата, има маса двапати поголема од Земјата - орбитите се 2,17, 3,4, 5,2, 7,9, 12 и 17,4 дена. Иако не станува збор за совршена резонанција, таа е доволна за ХД 158259 да се класифицира како извонреден систем. Според истражувачите, ова е знак дека планетите што орбитираат околу ѕвездата не се формирале онаму каде што се наоѓаат сега.

- Се верува дека овие системи се формирале далеку од ѕвездата пред да мигрираат кон неа. Во ова сценарио, резонанциите играат клучна улога - вели астрономот Стефан Удри од Универзитетот во Женева.

Тоа е така затоа што се смета дека овие резонанции произлегуваат кога планетарните ембриони во протопланетарниот диск растат и мигрираат навнатре, подалеку од надворешниот раб на дискот. Ова произведува синџир на орбитална резонанција низ целиот систем.

Потоа, откако ќе се распадне преостанатиот гас на дискот, ова може да ги дестабилизира орбиталните резонанции - ова е она што го гледаме кај ХД 158259. И тие мали разлики во орбиталните резонанции би можеле да ни кажат повеќе за тоа како се случува оваа дестабилизација.

Извор: Science Alert