Ако мобилниот телефон не им е при рака, луѓето ќе најдат други начини за да ја одложат работата

Ако мобилниот телефон не им е при рака, луѓето ќе најдат други начини за да ја одложат работата

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Истражувачите многу пати ја истакнале зависноста од екраните што ја развиваме, особено од паметните телефони. Екранот ни го одзема слободното време, кое наместо да го поминуваме со пријателите, во природа или правејќи нешто корисно, го користиме гледајќи во телефонот. Слична ситуација се случува и додека сме на работното место, а тоа особено важи за оние што работат од дома, каде што постојаните известувања, повици, пораки и прегледување објави на социјалните мрежи го крадат времето што треба да го посветат на работните задачи.

Едно од потенцијалните решенија може да биде да го оставиме телефонот настрана, подалеку од нас, за да се фокусираме на работата. Во теорија ова звучи добро, но што би се случило во практика? Ако телефоните не се на дофат, дали времето што го губите на нив би го поминувале со поголем фокус на работата?

Мало истражување, кое вклучувало 22 учесници (поголемиот дел жени на возраст помеѓу 22 и 31 година) и било објавено во научното списание „Фронтиерс“, покажало дека за одложувањето на работата не е виновен само паметниот телефон. Како што објаснува Макси Хеитмајер од Лондонската школа за економија, проблемот со одложувањето на задачите има врска со нашите навики и рутини што сме ги стекнале користејќи паметни уреди како што е телефонот.

Ако сме навикнати постојано да ја прекинуваме работата поради известувањата што пристигнуваат на телефонот, тоа не значи дека ако телефонот не ни е при рака, ќе се посветиме на работата. Наместо тоа, ќе најдеме друг начин или уред за да работиме нешто друго.

Во експериментот учесниците два дена работеле сами во просторија со одлична звучна изолација, носејќи ги своите уреди без да ја менуваат поставката за известување на телефоните. Една група ги држела телефоните на своите работни маси, додека друга ги ставила подалеку, така што не им биле при рака. Вторите учесници за време на експериментот навистина помалку ги користеле телефоните, но наместо тоа, се свртиле кон преносните компјутери кои биле поблиску и на тие екрани правеле слични работи како што правеле на телефоните.

Истражувањето покажува дека не е важен самиот уред, туку фактот што луѓето се навикнале постојано да ја прекинуваат својата работа поради известувањата и содржините на екраните, без разлика дали тоа е телефон или компјутер. Причината зошто содржините на телефонот ни се толку привлечни е јасна, објаснува Хеитмајер. Тој нагласува дека сите тие содржини се креирани од големите компании кои профитираат од нашиот неуспех да се воздржиме да ги користиме.

Извор: Independent.co.uk
Фото: Freepik