Како се одбира нов папа и што е конклава?

Како се одбира нов папа и што е конклава?

Подготвил: Билјана Спиркоска

Лектор: Ивана Кузманоска

Папата Франциск почина на 88-годишна возраст, по 12 години поминати на чело на Римокатоличката црква. Неговата смрт го активира процесот на избор на нов папа, кој е стар со векови.

Римокатолиците веруваат дека папата претставува директна врска со Исус Христос. Се смета за жив наследник на Свети Петар и поради тоа има целосна и неограничена власт над целата Католичка црква и претставува важен извор на авторитет за околу 1,4 милијарди католици во светот.

Иако многу католици за духовно лидерство често се осврнуваат кон Библијата, тие може да се потпрат и на учењата на папата, кои ги обликуваат верувањата и практиката во црквата. Околу половина од сите христијани во светот се римокатолици. Другите христијани, меѓу кои протестантите и православните, не го признаваат авторитетот на папата.

Папата живее во Ватикан, најмалата независна држава во светот, која е опкружена со италијанската престолнина Рим. Папата не добива плата, но сите трошоци за патување и живот му се покриени од ватиканската сметка.

Што се случува кога ќе умре папа? Папата Франциск го промени и тоа

Погребот на папата традиционално беше раскошна церемонија, но папата Франциск неодамна ги одобри плановите со кои целата постапка се поедноставува. Неговите претходници беа закопувани во три ковчези: од чемпрес, од олово и од храст. Папата Франциск се одлучи за едноставен дрвен ковчег обложен со цинк.

Франциск, исто така, ја укина традицијата на изложување на телото на издигната платформа, позната како катафалк, во базиликата „Свети Петар“. Наместо тоа, ожалостените ќе можат да оддадат почит додека телото ќе остане во ковчегот со затворен капак.

Франциск ќе биде првиот папа во повеќе од еден век кој ќе биде закопан надвор од Ватикан. Ќе биде закопан во базиликата „Санта Марија Маџоре“, една од четирите главни папски базилики во Рим.

Кој го одбира новиот папа?

Новиот папа го одбира највисок круг на службеници во Католичката црква, познат како Кардиналски собир. Сите се мажи, именувани директно од папата, а обично се бискупи. Моментално Католичката црква има 252 кардинали, од кои 138 имаат право на глас при избор на нов папа. Преостанатите се постари од 80 години, па не можат да учествуваат во гласањето, но можат да учествуваат во дискусиите за тоа кој би требало да биде избран.

Како се одбира папата и што е тоа конклава?

Кога папата ќе умре или ќе поднесе оставка, како што направи Бенедикт XVI во 2013 година, кардиналите се собираат на состанок во Ватикан, по што следува конклавата, како што се нарекува самиот избор. Во текот на времето меѓу смртта на папата и изборот на неговиот наследник со црквата управува Кардиналскиот собир. Изборот се одвива во целосна тајност во Систинската капела, која е насликана од Микеланџело.

Одредени кардинали гласаат за својот кандидат сѐ додека некој не го добие потребното мнозинство, што може да потрае повеќе денови. Во изминатите векови гласањето траело со недели, па дури и месеци, а некои кардинали во текот на конклавата и починувале. Единствениот знак во текот на изборот доаѓа во облик на чад, кој двапати дневно излегува од оџакот по палење на гласачките ливчиња. Црниот чад значи дека изборот не успеал, а белиот дека е избран нов папа.

Како се објавува кој е нов папа?

Откако ќе се појави белиот чад, новиот папа обично излегува на балконот со поглед на плоштадот „Свети Петар“ во рок од еден час. Најстариот кардинал кој учествува во конклавата тогаш ја објавува одлуката со зборовите Хабемус папам, што на латински значи „Имаме папа“.

Потоа се кажува името на новиот папа, односно името што го избрал за свој понтификат, а кое не мора да биде неговото родено име. На пример, Франциск е роден како Хорхе Марио Бергољо.

Кој може да стане папа?

Теоретски, секој римокатолички маж кој е крстен може да биде избран за папа. Сепак, во практика кардиналите речиси секогаш одбираат некој од нив.

Кога Франциск, роден во Аргентина, беше избран на претходната конклава во 2013 година, стана првиот поглавар на Католичката црква од Јужна Америка, регион што сочинува околу 28 отсто од католиците во светот. Но, историјата покажува дека кардиналите значително почесто одбираат папа од Европа, особено од Италија. Од вкупно 266 папи избрани до денес, дури 217 се од Италија.

Извор: index.hr
Фото: Freepik