Колку долго смеат да стојат варените јајца? Еве што велат експертите за безбедност на храна

Колку долго смеат да стојат варените јајца? Еве што велат експертите за безбедност на храна

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Тврдо варените јајца се многу хранливи, па затоа се одличен избор за здрав оброк меѓу главните оброци или како дел од избалансиран ручек. Но, по Велигден често остануваат повеќе варени јајца отколку што можеме да изедеме.

Интересно е што варените јајца траат пократко од свежите. Причината е во тоа што при варењето се отстранува природниот заштитен слој на лушпата, што ги прави почувствителни на воздух и бактерии. Затоа е важно веднаш по варењето да се изладат, за да се спречи расипување или контаминација.

Како правилно да се чуваат?

Најдобро е варените јајца да се чуваат во картонска амбалажа или во затворен сад со капак, на внатрешната полица во фрижидерот, а не на вратата, каде што температурните промени се почести и можат да влијаат врз нивната свежина.

Можеби на почетокот ќе почувствувате чуден мирис во фрижидерот, но тоа не значи дека јајцата се расипани. Се работи за присуство на водород-сулфид, безбеден гас што се ослободува при варење и обично исчезнува по неколку часа.

Дали варените јајца може да се замрзнат и подоцна да се консумираат?


Не се препорачува замрзнување на варени јајца. Белките и жолчките стануваат гумирани и водени, така што воопшто не се пријатни за јадење. Ако се правилно складирани, тврдо варените јајца, и со лушпа и без лушпа, можат да се чуваат во фрижидер до седум дена. Ако не сте сигурни колку долго стојат, обрнете внимание на лушпата, ако е леплива или како креда, тоа е знак дека јајцето треба да се фрли.

Исто така, избегнувајте да јадете пукнати или скршени јајца бидејќи тие може да предизвикаат труење со храна, со симптоми како мачнина, повраќање и дијареја. Ако се сомневате дека јајцето е расипано, скршете го и помирисајте го, непријатниот мирис е јасен знак дека јајцето не е за консумирање.

Што ако жолчката е зеленикава?


Многумина се загрижуваат кога жолчката на вареното јајце ќе добие сиво-зелена нијанса, но тоа не значи дека е расипано. Промената на бојата зависи од температурата и времето на варење - колку подолго се вари, толку повеќе жолчката избледува и може да ја смени бојата.

Оваа реакција се случува кога железото од жолчката ќе се спои со водород сулфидот од белката. Иако бојата и текстурата можат да изгледаат необично, ваквите јајца се безбедни за јадење.

Извор: n1info.hr
Фото: Freepik