Седни-стани: Наједноставниот тест што покажува како стареете
Подготвил:
Билјана Спиркоска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Тестот „од седечка во стоечка положба“ бара 30 секунди од вашето време, но резултатите може да донесат сериозни увиди во вашето здравје.
Станувањето од стол можеби изгледа како премногу тривијална задача за да посветите внимание на тоа, но вашата способност да го направите тоа открива многу за вашето здравје.
За да го проценат тоа, лекарите го користат тестот „од седечка во стоечка положба“, кој мери колку пати можете да се исправите во стоечка положба од седечка во рок од 30 секунди.
Тој обично се изведува во ординации на лекари од општа практика или месни заедници кога се прават прегледи на постари лица, но лесно може да се направи и дома.
- Тоа е навистина корисен тест затоа што ни кажува многу за тоа колку добро функционираат луѓето. Тој ни кажува за нивната сила, рамнотежа и флексибилност. Знаеме дека постојат некои студии што сугерираат дека може да ни помогне да дознаеме дали некои луѓе се во опасност од паѓање, кардиоваскуларни проблеми, па дури и ризик од умирање - објаснува Џагдип Деси, професор по геријатриска медицина на Кралскиот колеџ во Лондон.
Сѐ што ви е потребно за овој тест е стол со исправен потпирач, без рачки за раце и тајмер. За да го направите тестот, седнете на средината на столот, прекрстете ги рацете на градите и поставете ги двете дланки на спротивните рамена. Исправете го грбот, а стапалата држете ги на подот. Потоа вклучете го тајмерот и станете во целосно исправена положба пред повторно да седнете. Повторувајте го тоа 30 секунди броејќи колку пати можете да станете.
Иако тестот главно се применува кај лица постари од 60 години, тој се користи и за млади.
Американскиот Центар за контрола и превенција на болести ги одреди просечните резултати за различни старосни групи.
Потпросечните резултати може да посочат на ризик од лоши здравствени исходи, како што се паѓања.
На пример, за човек на возраст меѓу 60 и 64 години, просекот е 14 за мажи, а 12 за жени. За лицата на возраст меѓу 85 и 89 години, просекот е 8.
Тестот може да биде корисен и за млади лица или за оние што немаат здравствени проблеми бидејќи е добра мерка за кондиција, особено за мерење на силата на мускулите во долните екстремитети и издржливоста. Истражувачи во Швајцарија барале од 7.000 возрасни лица да го направат тестот и потоа ги споредиле резултатите. Утврдиле дека просечниот резултат за лицата на возраст меѓу 20 и 24 години е 50 во минута за мажи и 47 во минута за жени. Некои од учесниците, сепак, можеле да направат дури 72 повторувања во минута.
Извор:
BBC
Фото: Freepik