Со „југо“ до Кинескиот ѕид: Хумана мисија од Врњачка Бања до Пекинг за предвреме родените бебиња

Со „југо“ до Кинескиот ѕид: Хумана мисија од Врњачка Бања до Пекинг за предвреме родените бебиња

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Во време кога светот е полн со лоши вести и наслови што за брзо време се забораваат, тројца млади луѓе од Врњачка Бања, Србија, потсетија дека хуманоста, упорноста и љубовта кон другите сè уште се движечка сила која може да премине и најдалечни граници, дури и до Кина.

Имено, со старо „југо“ и големо срце, Марко, Младен и Немања тргнаа на патување долго 12.000 километри за да соберат средства за предвреме родените бебиња во Србија. Но, нивната мисија не е само патување, туку е и симболична победа на добрината над сите пречки.

- Уште еднаш докажавме дека ниту една пречка не е непремостлива кога целта е благородна - порачуваат тие.

По 17 дена патување и поминати 12.000 километри, тие пристигнаа во Пекинг.

- Првото „југо“ во историјата на нашата земја влезе во Кина. Гордост ни е што токму ние тројца го направивме тоа, и тоа за хуманитарни цели. Вечерва „југото“ одмара пред полициска станица и чека таблички кои треба да стигнат утре - напишаа на „Инстаграм“ по самото пристигнување, изразувајќи благодарност за помошта од една домашна транспортна компанија и српската амбасада во Пекинг.

Во една од нивните објави открија и дека на 15. ден, кога стигнале на границата со Монголија, нивниот автомобил не можел да се најде во системот.

 
- Чекавме околу четири часа, а потоа монголските цариници ги заменија пасошите на Марко и Ѓура. Марко даде отпечаток од прст наместо Ѓура и настана хаос. За среќа, беше нивна грешка и брзо се среди - раскажуваат тие.

Успешно ја преминаа границата и влегоа во Монголија, па продолжија кон кинеската престолнина. Престојуваа во Улан Батор и го посетија споменикот на Џингис-хан, а следната „станица“ им беше пустината Гоби. Патувањето заврши кај кинеската амбасада, симболичен крај на едно поинакво и инспиративно патешествие.

 
Во текот на целото патување тројцата хуманитарци имаа силна поддршка од јавноста, обичните луѓе и следачите на социјалните мрежи.

Момците се за вистинска пофалба. Да се мине толку долг пат дури и со ново, силно возило не е лесно, а камоли со автомобил постар од самите патници.

Извор: Telegraf.rs
Фото: Instagram/Facebook