Во тек е шесто големо изумирање, предупредува Џејн Гудал

Во тек е шесто големо изумирање, предупредува Џејн Гудал

Подготвил: Билјана Спиркоска

Лектор: Ивана Кузманоска

Со нејзиниот препознатлив шал преку рамената и врзаната седа коса, Џејн Гудал зрачи со спокој.

Гудал сега има 90 години, а таа и нејзината играчка мајмун Господин Х, која ја доби пред речиси 30 години од пријател, сѐ уште патуваат.

- Малку сум изморена. Стасав од Париз, а потоа одам во Берлин, па во Женева. На оваа турнеја говорам за опасностите врз животната средина и некои од можните решенија - изјавила таа за Би-би-си во Виена.

Едно од решенијата за кои сака да разговара е садењето дрвја и реставрацијата на живеалиштата што нејзината фондација и непрофитната технолошка компанија „Екозија“ сакаат да ја спроведат во Уганда.

Во текот на изминатите пет години со помош од локални заедници и мали земјоделци, овие организации засадиле речиси два милиона дрвја.

- Се наоѓаме среде шесто големо изумирање. Колку повеќе можеме да направиме за обнова на природата и заштита на постојните шуми, толку подобро - вели Гудал.

Примарната цел на проектот е да се обнови загрозено живеалиште за 5.000 шимпанза во Уганда. Докторката Гудал со децении проучуваше и водеше кампања за заштита на приматите. Но, активистката сака да ја истакне и заканата што сечењето на шумите ја претставува за нашата клима.

- Дрвото мора да израсне до одредена висина пред да може да почне да ја работи својата работа. Но, сето ова садење дрвја помага во апсорпцијата на јаглеродниот диоксид - вели Гудал.

Таа додава дека денес повеќе од кога било, потребно е да се преземат итни мерки за забавување на загревањето на нашата планета.

Дрвјата даваат плодови во погрешно време, што ги вознемирува шимпанзата

- Сѐ уште имаме време да почнеме да ги забавуваме климатските промени и губењето на биодиверзитетот. Но, тоа време е сѐ пократко - предупредува таа.

Според неа, уништувањето на шумите и на другите места со диви животни е суштински поврзано со климатската криза.

- Толку многу се промени за мојот животен век - вели таа, потсетувајќи се дека во шумите на Танзанија, каде што почнала да ги проучува шимпанзата пред повеќе од 60 години, можело да се намести календар по почетоците на две дождовни сезони.

Сега, вели таа, понекогаш паѓа дожд во сушна сезона, а понекогаш во дождовна сезона има суша.

- Тоа значи дека дрвјата даваат плодови во погрешно време, што ги вознемирува шимпанзата, но и инсектите и птиците - вели Гудал.

Во текот на децениите во кои ги проучуваше и се залагаше за заштита на живеалиштата на дивите шимпанза, таа гледала уништување на шумите низ Африка и опаѓање на бројот на шимпанзата.

- Ако не се здружиме и не наметнеме строги прописи околу тоа што луѓето смеат да ѝ прават на животната средина, ако брзо не се оддалечиме од фосилните горива, ако не го запреме индустриското земјоделство, кое ја уништува животната средина и ја убива земјата, со што се постигнува поразувачки ефект по биодиверзитетот, нашата иднина на крајот ќе биде осудена на пропаст - предупредува Гудал.

Извор: BBC
Фото: Facebook (screenshot)