Кога бев студент со маратонскиот пливач Евгениј Поп Ацев: „Цело мое семејство се стоматолози, па и јас ја засакав таа професија“

Кога бев студент со маратонскиот пливач Евгениј Поп Ацев: „Цело мое семејство се стоматолози, па и јас ја засакав таа професија“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Многу од предметите тогаш не сакав да ги има, но сепак морав да ги учам, тие се основата на медицината. Најбитни ми беа практичниот и клиничкиот дел од студирањето, кога почнавме повеќе време да поминуваме на клиниките. Најголемиот фокус ми беше на полагањето на испитите, најважно ми беше да положам испит што побрзо и со подобра оценка, вели Евгениј Поп Ацев

Евгениј Поп Ацев e македонски маратонски пливач, трикратен светски првак во маратонско пливање во 2015, 2017 и 2019 година. Во 2015 година Евгениј стана првиот Македонец што победи на Охридскиот маратон. Оваа сезона Поп Ацев ја заокружува со својот најголем успех на македонското маратонско пливање освојувајќи го првото место во Гран при серијата на пливачки маратони на ФИНА. И денес активно се занимава со пливање, бележи успеси, учествува на разни трки, триатлони. По професија е доктор по стоматологија. Основно образование завршил во „Коле Неделковски“, а средно во СУГС „Орце Николов“ во Скопје.

Во рубриката „Кога бев студент“, која ја креираме во соработка со „Пивара Скопје“, го навративме на факултетските предавања, дружења, предизвици.



- Бев скроз одличен ученик и во средно и во основно училиште, би рекол дека бев солиден ученик. Не бев нешто посебно, но си ги исполнував задачите што ми беа зададени, кога мораше да учам повеќе, учев – споделува Евгениј.

Покрај знаењето, стекнав и многу пријатели


Тој се присети на своите студентски денови и ни сподели еден мал сегмент од студентскиот живот.

- Студирав стоматологија на Стоматолошкиот факултет во Скопје, ги завршив редовните студии и сега моментално специјализирам парадонтологија. Не знам што точно одигра пресудна улога и кога точно решив да се запишам на Стоматологија. Најверојатно најголем фактор е тоа што и моите родители и брат ми се стоматолози, па некако тоа ме повлече во тој правец, иако немав никаков притисок - споделува Евгениј.



Прво што му текнува кога ќе се наврати на студентските денови се долгите денови на факултет и дружбата на паузите, како и долгите непроспиени ноќи поминати над книга.

- Покрај знаењето, стекнав и многу пријатели. Го сметам за еден од најубавите периоди во животот. Секако дека имаше стресови поради испитите, но начинот на живот, одењето на предавања, дружењето на факултет и надвор од него - тоа беше еден многу убав начин на живот. Денес е невозможно да се живее со тоа темпо и среќен сум од сегашниот начин на живот, но сепак имам носталгија кон тие денови. Многу убави спомени имам од тоа време. Премногу смешни и интересни случки, како од предавања и конгреси така и од апсолвентската екскурзија и од социјалниот живот. Сѐ уште се дружам со дел од колегите од факултет и ден-денес си прераскажуваме некои настани. Најинтересно искуство ми е кога бевме на размена на факултетот во Осло, Норвешка, на три месеци – ни споделува Евгениј.



Најголемиот фокус ми беше на полагањето на испитите


Вели дека му било тешко на факултет, и со право бидејќи Стоматолошкиот факултет важи за еден од потешките.
-Имаше предмети за кои се спремав со месеци. Немав некој посебен ритуал, но појдовна точка ми беше дека мора прво три пати да го прочитам материјалот, а потоа да почнам да повторувам и да вежбам. Исто така, имав малку лоша навика да почнам подоцна да учам и да мора пред испит цели ноќи да ги поминам во учење, често до утрото. Мислам дека во учење ми помина времето, но многу често се испреплетуваа учењето и дружбата, често при учење и се дружевме на некој начин, особено на предавањата и вежбите – се присетува Евгениј.

Го прашавме кои предмети му биле потешки.



- Тешко ми е да кажам кој точно, но мислам дека најтешки беа предметите од првите неколку години, како анатомија, патологија, биофизика, хемија и други, каде што имаше премногу материјал за учење, а истовремено имавме и други предмети кои моравме да ги спремаме. Многу од предметите тогаш не сакав да ги има, но сепак морав да ги учам, тие се основата на медицината. Најбитни ми беа практичниот и клиничкиот дел од студирањето, кога почнавме повеќе време да поминуваме на клиниките. Најголемиот фокус ми беше на полагањето на испитите, најважно ми беше да положам испит што побрзо и со подобра оценка. Цел ми беше да го завршам факултетот што е можно побрзо за потоа да почнам да работам или да продолжам да си ги усовршувам знаењата и вештините. Но спонтано повеќе се фокусирав на пливачката кариера откако дипломирав, а тие цели сега почнав да ги остварувам, по повеќе од 10 години – споделува Евгениј.



Слободното време најмногу го трошел на тренинзи

Слободното време му било резервирано за тренинзи бидејќи професионално се занимавал со пливање, но и за дружење и работи што го правеле среќен.

На прашањето на што го научи факултетот, надвор од учебниците и предавањата, тој изјави:

- Ме научи на дисциплина, посветеност на струката и целите кои сакам да ги остварам, начини како да се совладаат пречки, на работливост, комуникација со секакви луѓе, организирање на времето и ред други работи. Сепак, би рекол дека факултетот е заслужен бидејќи многу од моите квалитети што придонеле за некои мои успеси и достигнувања, дури и во областите надвор од стоматологијата, ги имам научено или добиено за време на студиите и студентскиот живот. Мојот совет до студентите е што е можно повеќе да зграбат од студиите, секое знаење и искуство добиено за време на студиите е бесценето. Тоа е периодот кога се најспособни и имаат уникатни можности и привилегии да се надградат како луѓе. Но, исто така, да си ги почитуваат професорите, асистентите, а и колегите – истакнува Евгениј.




Фото: приватна архива