Кои земји во ЕУ се најскапи, а кои најевтини?
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Минатата година Данска забележала највисоко ниво на цените на стоките и услугите, а Бугарија најниско, покажува извештајот на „Евростат“.
Во Данска нивото на цените на потрошувачките стоки и услуги во 2017 година било 42 отсто над просекот на ЕУ, утврдиле од „Евростат“. По Данска следува Луксембург, со ниво на цените од 27 отсто над просекот, и Ирска и Шведска, каде што тие биле за четвртина повисоки од вредноста.
На спротивната страна, со најниско ниво на цените, околу 50 отсто пониска од просекот во Унијата, се најдоа Бугарија, Романија и Полска. Од земјите во регионот може да се напомене дека во Хрватска вкупното ниво на цените на стоките и услугите во 2017 година било за една третина пониско од просекот на Унијата.
Храната е најскапа во Данска
Нивото на цените на споредени кошници со храна и безалкохолни пијалаци во ЕУ било двојно повисоко во најскапата членка во споредба со најевтината. Така, во Романија потрошувачката кошница била 38 отсто под европскиот просек, додека во Данска била за 50 отсто повисока од просекот во Унијата. Меѓу членките со најниски цени на храна се наведува и Полска, каде што минатата година цените биле 35 отсто под просекот на Унијата.
Покрај Данска, меѓу членките каде што храната е најскапа се и Шведска, Австрија и Луксембург, каде што цените за потрошувачката кошница биле за една четвртина над просекот на Унијата. Во Финска и Ирска цените биле повисоки за околу една петтина, а во Белгија, Франција и Италија за 12 отсто.
Алкохолот и цигарите најскапи во Ирска
Големи разлики меѓу членките се забележани и во цените на алкохолот и на цигарите. Ирска минатата година успеала да се искачи на првото место меѓу членките на ЕУ со највисоки цени на алкохол и цигари, дури 74 отсто над просекот на Унијата.
На второто место е Велика Британија, со цени од оваа категорија на потрошувачки производи 57 отсто над европскиот просек, а на третото место е Финска со цени повисоки за 39 отсто. Потоа се Шведска и Данска, каде што цените се повисоки за околу една петтина од европскиот просек.
Најниски цени на алкохол и на цигари минатата година биле забележани во Бугарија, речиси 50 отсто пониски од просекот на Унијата. Потоа следува Романија со цените од таа категорија за 31 отсто пониски од просекот на Унијата и Унгарија, каде што тие биле пониски за 30 отсто.
Рестораните и хотелите трипати поскапи во Данска отколку во Бугарија
Бугарија и Данска се најдоа на спротивните страни и во случајот со цените во рестораните и во хотелите, кои во „новата“ членка на ЕУ биле за 50 отсто пониски од просекот на Унијата. Во Данска, пак, биле за 50 отсто повисоки од тие вредности. Изразено ниски цени во угостителството имало и во Романија и Чешка, од 45 до 40 отсто под просекот на Унијата.
По скапотијата, освен Данска, се издвојува и Шведска, со цени за 46 отсто над просекот на ЕУ.
Фото: Pixabay
Облеката е најевтина во Бугарија
Потрошувачката на електрониката е категорија на производи чии цени најмалку се разликувале меѓу земјите од Унијата, движејќи се во распон од 10 отсто над просекот на ЕУ во Данска и Франција, до 24 отсто под тој просек во Ирска.
Од земјите во регионот, Хрватска се најде на третото место на најскапи земји од оваа категорија, со цени кои се 8 отсто повисоки од просекот на Унијата.
Помали разлики меѓу земјите од ЕУ се забележани и во цените на облеката, со најниски во Бугарија, каде што тие биле за една петтина под просекот на Унијата, а најскапи во Шведска, со цени за 34 отсто над таа вредност.
Во категоријата на цените на автомобили, мотори и велосипеди, најскапи минатата година биле Финска, Ирска и Португалија, со цени 11 отсто повисоки од европскиот просек. Најниски цени биле забележани во Словачка, 19 отсто под просекот на
Унијата.