Ученици и родители протестираат пред „Панче Караѓозов“, не сакаат приемен
Ученици и родители денеска излегоа на протест пред средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ за да се спротивстават на одлуката за полагање приемен испит за упис во училиштето бидејќи се пријавиле повеќе кандидати.
Денеска во ова училиште требаше да има тестирања по хемија и биологија само за медицински сестри на албански наставен јазик бидејќи за 102 места се пријавиле 164 ученици, сите со просек 5,00.
Во изјава за ТВ21 еден од родителите на протестот предлага отворање на уште една паралелка на албански јазик за да нема тестирање. Учениците, пак, велат дека освен што немале време да го повторат материјалот, се ставаат и во ризик од зараза во ова време на пандемија. Тие велат дека ги исполнуваат условите, сите се со петки и немало потреба да се тестираат.
- Професори има, простории има, зошто да не се примаат сите ученици што сонуваат да учат во ова училиште? Ние ги исполнуваме условите, сите сме со петки и нема потреба за приемен испит - вели една ученичка во изјавата за ТВ21.
Поради големиот број пријавени ученици со просек 5,00, во три училишта во Македонија беа најавени квалификациони тестирања. Сите се за насоката медицинска сестра во средните медицински училишта, и тоа: во „Панче Караѓозов“ во Скопје, за настава на албански јазик, „Димитар Влахов“ во Струмица и „Ѓорче Петров“ во Прилеп.
- Тестирање ќе има само за медицински сестри на албански наставен јазик, бидејќи за 102 места се пријавија 164 ученици, сите со просек 5,00. Тестирањата ќе се одржат в понеделник, а учениците ќе полагаат хемија и биологија. Прашањата ќе бидат од материјалот што го учеле во рамките на основното образование.
Секој ученик ќе полага на јазикот на кој ја следел наставата во основно - изјави во петокот Маја Салиу, директорка на „Панче Караѓозов“.
Таа додаде дека имаат услови за полагање. Беше предвидено учениците да бидат распоредени по 10 во просторија, со почитување на сите протоколи за дезинфекција и физичко дистанцирање.
Насловна фотографија: Facebook (printscreen)