Дури 90% од Македонците не веруваат дека наскоро ќе влеземе во ЕУ, но 75% би се иселиле ако се случи тоа, покажа анкетата на Факултети.мк

Дури 90% од Македонците не веруваат дека наскоро ќе влеземе во ЕУ, но 75% би се иселиле ако се случи тоа, покажа анкетата на Факултети.мк

Подготвил: Билјана Арсовска

Во исчекување на Самитот на Европската Унија и подгреаните надежи дека можеби конечно портите на Унијата ќе се отворат и за нас, Факултети.мк спроведе анкета и ги праша читателите: Дали би се иселиле од Македонија доколку влеземе во ЕУ?

Вкупно 1.580 испитаници одговорија на нашата анонимна анкета, која даде многу интересни резултати. Имено, иако Македонците се скептици во однос на влезот на земјава во ЕУ, голем процент од нив би се иселиле доколку се случи тоа, најмногу поради економски причини и барање подобри услови за живот. Исто така, најмногу би си заминале сосе фамилијата и со однапред најдена работа.


Мнозинството испитаници на нашата анкета, односно 44,6 отсто, се на возраст од 25 до 35 години, 36,6 отсто се постари од 35 години, а 18,7 отсто се на возраст од 18 до 25 години. Повеќе од три четвртини, односно 76,8 отсто се со високо, а 22,8 отсто се со средно образование.

Дури 89,9 отсто од испитаниците не веруваат дека Македонија наскоро ќе влезе во Европската Унија, додека 10,1 отсто се оптимисти дека тоа може да се случи.



На главното прашање на анкетата, дали би се иселиле доколку земјава влезе во големото европско семејство, 74,8 отсто одговориле позитивно, додека 25,2 отсто негативно.


Причините поради кои Македонците би ја напуштиле својата татковина главно се финансиски, но, како што наведуваат испитаниците, им пречи и тоа што насекаде има корупција и непотизам, тоа што не функционираат основните алки на државата, сакаат подобри услови за живот и повисок животен стандард, а една читателка наведе дека не сака да биде последната што ќе ги исклучи светлата во Пехчево. Некои испитаници дури велат дека би се иселиле и без да влеземе во ЕУ.

- Партизирана и пренатрупана неука администрација, корумпирано судство, многу криминал без никој да одговара, еколошка загаденост, недостиг на индустрија, цени како во ЕУ, а мали плати, голема невработеност, неразвиена инфраструктура, политичари кои не работат во интерес на народот и државата и кои мислат само како да се збогатат од народни пари - наведува еден испитаник.

Друг, пак, напиша цела листа со причини зошто би се иселил од Македонија.

- Затоа што тука нема да се смени никогаш ништо. Било и ќе биде од лошо полошо. Корупција и непотизам секаде. Основните алки на државата не функционираат. Образование - катастрофа. Правда и судство - катастрофа. Здравство - допрва следува уште поголема катастрофа. Полиција/ред - ужас, само за казни, арач и обезбедување неспособни криминални функционери. Сообраќај во тотален хаос. Култура - очигледна. Урбанизам - тотално ужасен, бетонизација и урбана мафија. Плати најниски, а цени за живот највисоки (храната, превозот и слично се исти како во ЕУ, облеката уште поскапа - земете пример на патики/обувки во Грција и тука... - а платите 6 пати помали...), значи системот е тотално без контрола, т.е. во полза само на работодавците. Средна класа не постои. Луѓе поделени по секоја основа, најмногу партиско/политичка. Веќе не е проблемот само во финансии, туку нередот, стресот и неодговорноста. Нема ништо добро да се наведе, освен социјализацијата. За кафеана сите се први - вели тој.

- Не гледам иднина тука. Најпрвин основните работи ги нема за живот. Небезбеден сообраќај, без почитување закони, недоволно асфалтирани улици, непостоење на елементарни услови за живеење. Потоа, ниски плати, немање можност за учење и надградување, несоодветни здравствени услуги, а на крај и политичката интегрираност во секоја сфера од животот - вели друг испитаник.

Еден читател, пак, е револтиран од функционирањето на судството.

- Секој што има некој познат во судот (без разлика на кое ниво) си врши работа во своја корист. А замислете што се случува со оние што се партиски моќници. Најстрашно е што се мешаат и во најбанални и небитни судски процеси. И тие ти ја одредуваат твојата судбина, а не зборот на законот и правото. Не постои судски процес во кој не се замешал некој на кое било ниво. Зборувам од чистачка, па до претседателот на судот. Најстрашно е што секој бесрамно се обидува да влијае врз судската одлука. Никој не размислува чесно и праведно да се избори за својата позиција во одреден процес. Ама баш никој. Ни кривиот ни правиот... Преку глава ми е од ваквите гнаси. Ги има во секој сегмент од животот. Одвратно ми е - вели тој.

Граѓаните што би се иселиле од Македонија сметаат и дека во земјава се уништува духот на младите, но и дека не се ценат високото образование и трудот. Ова се дел од нивните одговори:

- Македонија е корумпирана, непросперитетна држава во која ништо не функционира! Држава која го уништува духот на младиот човек! Држава која не го почитува работникот! Пријавени на минималец, останато во кеш или исплатениот К-15 ти го смета како дел од плата! Моралниот, чесен и образован човек нема иднина во оваа „држава“.

- Затоа што сум доктор кој не е ценет ни малку во Македонија, во држава во која се покачува платата на вработените во правосудството за 15%, кои седеа и „работеа“ од дома, а притоа платата на вработените во здравството ќе се покачи за само 5%, а тие неуморно работеа, односно работев за време на пандемија. Имаше ризик, но ние сè ставивме настрана и неуморно работевме, додека сите седеа дома. Е затоа би се иселила.

- Бидејќи високото образование не е ниту платено ниту ценето, а уште помалку магистратура, специјализација или докторат!

- Затоа што ниту една институција не функционира како што треба. Затоа што способните седат дома, а оние што така завршија, без никакви знаења и способности, работат на видни функции. Затоа што платите се мизерни, а цените на пазарот се европски!

- Бидејќи во ЕУ шефот не му е син на директорот и се цени работникот, а не неговата партиска книшка. Во ЕУ е важно колку знаеш, а не кого знаеш.

- Не сакам да се иселам зашто тука ми е цела фамилија и сите драги спомени, верувам дека тука има многу простор за подобрување на нашето поднебје и животен стандард и слобода, АМА иако сум опкружен со луѓе, се чувствувам осамено, преживувам финансиски и не се радувам многу. Како маж, не можам да обезбедам за фамилија (ниту пак да помислам да се осамостојам или оженам и имам деца) и да си ги остварам соништата, веројатно поради лошо системско бизнис-образование, иако сум поминал еден куп обуки и време во градењето на моите вештини (сите работодавци биле задоволни од мојата работа досега). Работам за пари и на себе најдобро што умеам, а не го добивам за возврат тоа што го очекувам. Моите родители немаат капацитет да ми помогнат и јас не знам каде да побарам помош, а да не се чувствувам како да просам на улица, па морам да создавам сам. Тоа значи дека морам да барам промена на начин на живот, а воедно далечината од дома да нема големо влијание. Поради ова би се иселил во ЕУ или во која било развиена држава - за да го барам своето место во овој свет каде што би можел да се обидам да ги надополнам моите недостатоци. Свесен сум дека промената на местото на живеење можеби нема да ми го даде тоа што е потребно за мојот раст и развој и секаде ќе се соочам со разни проблеми, ама потребата за промена и сликите и искуствата што ги споделуваат луѓе кои си заминале го прават ова првиот избор за обнова и освежување.


- Во Македонија владее непотизам и корупција, администрацијата кога како работи, а во здравството речиси и да нема кадар, образованието ни е на раб на колапс - наставниците партиски вработени, а необразовани (или пак не се ни трудат), цените вртоглаво растат, работниците враќаат пари на рака кај работодавците...



Освен љубовта кон татковината и најблиските и вербата во подобро утре, оние што не би ја напуштиле Македонија велат дека би останале тука затоа што доколку влеземе во ЕУ, со истите бизнис-можности ќе може да се живее и тука и ќе ги имаме истите привилегии како преостанатите членки, па, велат, Македонија ќе оди на подобро.

- Ако работиме сите како што треба, Европа ќе ја донесеме овде, но мрзи сме - смета еден испитаник.

- Поради фактот што со отворање на поглавјата кои треба да ги комплетираме, промените ќе бидат евидентни во функционирањето на нашата држава. Сепак, се надевам дека со влезот во ЕУ, односно со почетокот на отворање на поглавјата, ќе се врати позитивниот став на граѓаните во врска со политичките збиднувања, како што се надевам на промена на менталитетот и мислата на секој граѓанин - истакнува друг.

Еден, пак, вели дека животот е подобар тука.

- Што ќе ти е стандард ако заменуваш робот. Или работиш модерен слуга - вели тој.

Сепак, покрај тоа што не сакаат да се иселат, нашите читатели велат дека може да го сменат мислењето ако ситуацијата во државава не се смени на подобро.

- Немам потреба да ја напуштам Македонија доколку се покачи стандардот, ако се подобри образовниот систем, здравството, културата, правниот систем да функционира и судството мора еднаш и засекогаш да биде независно. Политичарите мора да престанат да бидат коруптивни и себични и да станат морални, етични, да имаат многу повисоко ниво на култура и да се грижат за иднината на својата земја и народ - наведува еден наш читател.

Друг истакнува дека тука веќе имаат добра заработка со сопругата, но некој ден заради детето можеби и би се иселил. Испитаник кој истакнува дека е финансиски стабилен, пак, вели дека можеби би се иселил за градење кариера, но додава дека тоа не му е приоритетно.

- Зашто работам за странска фирма во Македонија и стандардот ми е многу повисок отколку кога би живеел некаде на Запад - тврди еден читател.

Некои испитаници дури сметаат дека надвор од државава е полошо отколку тука.

- Без оглед на лошата економска состојба на државата, мислам дека дома е подобро од „надвор“. Но, ако ситуацијата тргне на полошо и дома веќе немаме услови за нормален и интересен живот, би го сменила мислењето. Надвор од државата сите се робови, работат за да можат да си дозволат одмор од 10 дена. Кај нас имаме можност со нормално работно време да отидеме на кафе, на одмор, на прошетки. Сум била надвор од Македонија и знам како изгледа да бидеш роб. ЕУ не ни треба кога и сама пропаѓа и не знае да си ги цени вредностите, повеќе би се придржувала кон Отворен Балкан или некој вид бивша Југославија и на подигнување на менталното здравје на луѓето во Македонија. Нешто што ЕУ демек го прави, ама реално бавно и слабо - наведува една испитаничка.

Истовремено, според некои испитаници, во друга држава секогаш ќе си граѓанин од втор ред, доселеник и, како што велат, пониска класа од домашните.

Дел од оние што не би се иселиле сметаат дека треба да работиме на подобрување на состојбата во земјава.

- Државата можеме да ја исправиме само ако сме тука и сите поединечно придонесеме за нејзиното подобрување, во секој аспект и сегмент од секојдневието. Луѓето што се на функции доаѓаат од народот, не се увезени од Сингапур. Доколку секој индивидуалец се подобри и се труди да е подобар, општо народот е подобар, а со тоа и кога ќе дојдат избраниците на функции, ќе се подобри - смета еден испитаник.

Анкетата покажа и дека од оние што би ја напуштиле државава, 77,8 отсто би се иселиле фамилијарно, додека 22,2 отсто сами. Главната причина, очекувано, се децата, за кои се бара подобар живот.



Истовремено, 58,3% од испитаниците кои по евентуален влез на земјава во ЕУ би се иселиле од својата татковина, тоа би го направиле со веќе најдена работа, додека преостанатите 41,7% би си заминале и без да имаат најдено работа пред да ги спакуваат куферите.


Резултатите од анкетата, барем за нас, се поразителни.