Иван Станишковски е најдобар дипломец на ХЕФ: „Со стекнување меѓународно искуство можам да донесам иновативни решенија кај нас“

Иван Станишковски е најдобар дипломец на ХЕФ: „Со стекнување меѓународно искуство можам да донесам иновативни решенија кај нас“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Моите амбиции се постојано да ја проширувам мојата експертиза, да поттикнувам позитивни промени во зачувувањето на животната средина и да ги инспирирам другите да се здружат во напорите за зачувување на нашите природни ресурси за подобра иднина. Имам цел да се залагам за построги еколошки регулативи и политики кои поддржуваат долгорочно еколошко здравје и издржливост, посочува Иван

Ректоратот на УКИМ, меѓу најдобро дипломираните студенти за учебната 2022/2023 година, студенти кои покажаа високи достигнувања и резултати при студирањето, му додели награда и на Иван Станишковски, кој дипломира на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ (ХЕФ), на студиската програма Екоинженеринг и екоменаџмент, со просек 9,07.

- Голема чест ми е да кажам дека сум дел од овогодишните најдобро дипломирани студенти во учебната 2022/2023 год. Наградата за најдобар студент на УКИМ е голем успех кој го потврдува трудот вложен во самите студии. Ова признание служи како голем мотив за продолжување на образованието. Сите освоени стипендии, награди и сертификати што ми беа врачени во текот на моите студии се имаат отсликано врз мојот персонален развој, но и раст во самата кариера како инженер за животна средина. Сите дополнителни успеси со кои можеме да се одделиме од другите ни отвораат врати кон нови можности и цели - споделува Иван.

Силна страст кон создавање и истражување на природата


Во основно и средно училиште бил посветен и љубопитен ученик, секогаш со желба да учи и да се истакне.

- Уште во основно и средно училиште целта ми беше да се изградам себеси во личност од која би сакал да добијам знаење и поддршка. Границите на оваа личност секојдневно се поместуваа и до ден-денес им нема крај. Имав силна страст кон создавање и истражување на природата и животната средина. Постојано се стремев кон учење и надградување на знаењето, што ми помогна да развијам добро оформен сет на вештини пред да започнам со моите академски студии - вели Иван.



Одлуката да студира на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ ја донел преку комбинација на лични интереси и академски аспирации.

- Растејќи, развив длабоко ценење за природата и животната средина, што го поттикна мојот интерес кон шумарството и екологијата. Бев привлечен од идејата да работам на проекти кои ја спојуваат природата со изградените средини, промовирајќи одржливи практики и еколошки баланс. Силната репутација на факултетот, искусните професори и можноста да се вклучам во практични проекти и истражувања целосно ја валидираа мојата одлука. Еден од предизвиците додека студирав беше да се одржи сеопфатно разбирање за тоа како екологијата и економијата се вкрстуваат и се надополнуваат една со друга. Интеграцијата на екологијата во урбаните средини треба да се гледа и од економска гледна точка, што за мене беше речиси неприфатливо. Потребно беше време за да се сфатат меѓусебно поврзаните концепти со цел да можат да се применат во сценарија од реалниот свет. И покрај сите предизвици, нивното надминување ги подобри моите вештини за решавање проблеми, способностите за критичко размислување и издржливост - изјавува Иван.

Конзистентен напор, фокус и љубов


Најсилна мотивација за време на студиите му била желбата да направи значајно влијание во зачувување на животната средина.

- Оваа мотивација произлезе од длабоко вкоренетата страст за природата и силната верба во важноста од зачувување на нашите природни ресурси за идните генерации. Бев поттикнат од можноста да научам и применувам иновативни решенија за еколошките предизвици, како што се климатските промени, уништувањето на шумите и губењето на живеалиштата. Интердисциплинарната природа на програмата, комбинирајќи ги шумарските науки, пејзажната архитектура и екоинженерството, обезбеди холистичка перспектива што ме инспирира да размислувам критички и креативно за еколошките прашања. На крајот, мојата силна мотивација да создадам одржлив и хармоничен однос меѓу луѓето и природата ме поттикна да постигнам врвен успех и да изградам кариера посветена на грижата за животната средина - ни споделува Иван Станишковски.

Одржувањето на успехот во текот на студирањето му било предизвик, но успеал сепак да го оствари со конзистентен напор, фокус и љубов.



- Додека студирав, друштвените собири и хобија честопати заземаа втор план додека се посветував на учење и подготвување за испити. Финансиските ресурси беа внимателно управувани, понекогаш отфрлајќи ги луксузите за покривање на академските трошоци. Исто така, пропуштив многу други можности, како што се работни места, кои не се поврзани со мојата област, со цел да останам фокусиран на моите студии. Додека студирав, мојот фокус беше на интегрирање одржливи практики, справување со ерозија и зачувување на животната средина. Посветив значителен напор за разбирање на одржливите практики на шумарството, дизајнирање еколошки предели и истражување на иновативни екоинженерски решенија за еколошките предизвици - истакнува Иван.

Целта ми е да работам на иновативни проекти

Следен негов чекор е да го искористи образованието и искуството за да даде придонес на полето на одржливост и зачувување на животната средина.

- Професионално, целта ми е да работам на иновативни проекти со луѓе кои го делат истото мислење со мене. Моите амбиции се постојано да ја проширувам мојата експертиза, да поттикнувам позитивни промени во зачувувањето на животната средина и да ги инспирирам другите да се здружат во напорите за зачувување на нашите природни ресурси за подобра иднина. Имам цел да се залагам за построги еколошки регулативи и политики кои поддржуваат долгорочно еколошко здравје и издржливост. Дополнително, би се фокусирал на поттикнување интердисциплинарна соработка и ангажман на заедницата за да развијам холистички пристапи кон еколошките предизвици, осигурувајќи дека одржливоста ќе биде на прво место - ни навести Иван.

Иако гледа голем потенцијал за раст и просперитет во Македонија, планира да го прошири своето образование надвор од Македонија.

- Со стекнување меѓународно искуство и соработка со глобални експерти, можам да донесам иновативни решенија кои ќе бидат имплементирани и кај нас - подвлекува тој.

Фото: приватна архива