НАСА ќе испитува дали има живот на Јупитеровата месечина Европа

НАСА ќе испитува дали има живот на Јупитеровата месечина Европа

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

НАСА најави дека ги комплетира финалните дизајни и конструира и тестира вселенски брод кој би можел да ја посети месечината на Јупитер, Европа, за да бара знаци за живот. Од агенцијата сметаат дека датумот за лансирање може да биде најрано во 2023 година.

Мисијата вклучува испраќање на извиднички орбитер на Европа за да се дознае дали солените потповршински океани на сателитот ги имаат соодветните услови за живот.

- Сите сме возбудени за одлуката што ја приближува мисијата еден чекор поблиску до отклучување на мистериите на овој океански свет - истакна Томас Зурбучен од НАСА.

Европа била откриена во 1610 година од страна на Галилео Галилеј и оваа месечина е голема колку 65 отсто од масата на нашата Месечина. Претходните докази сугерираат дека ледената месечина има цел океан течна вода под дебела кора мраз. Научниците претпоставуваат дека овие потповршински океани би можеле да ги задоволат критериумите за да се овозможи постоење на животни форми.

Вселенскиот брод „Клипер“ ќе биде опремен со комплет камери, спектрометри и радар за да се истражи колку е дебела ледената кора во текот на вкупно 45 прелетувања. Според НАСА, најблиското планирано прелетување ќе го донесе леталото на алтитуда од само 16 милји над месечината.

Во април НАСА ја тестира антената на леталото која ќе биде одговорна да испраќа назад фотографии со голема резолуција и научни податоци.