Јапонска гостилница во која гостите може да се грижат за мачка додека им трае престојот
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
„Рјокан“ е вид традиционална јапонска гостилница во која обично има татами-соби, заеднички бањи и други јавни простории каде што гостите можат да носат обично летно кимоно и да разговараат со сопственикот.
Овој вид гостилници постојат уште од 8 век, период кога бил создаден и најстариот хотел во светот - „Нишијама Онсен Кеиункан“. Сепак, овие места сè уште се важни и многу посетувани, а едно од нив сега нуди и дополнителна услуга.
Наречена „Мојата мачка Југавара“, оваа гостилница се наоѓа во градот Југавара, префектурата Канагава. Меѓу понудите, постои и „тест-пакет“ што на гостите им овозможува да искусат како е да се живее со мачка.
Секој што ќе плати за „тест-пакетот“ ќе ја дели собата со мачка. Мачката пристигнува во 17:30 часот и е во собата до 9 часот наутро. Во тој период гостите не смеат да ја остават мачката без надзор. Гостите што доаѓаат првпат треба да поминат барем една сесија во кафулето, за персоналот да провери дали се чувствуваат пријатно околу мачките и дали на мачките им е удобно со нив.
Понудата за дружење со мачка не е само забава и игра. Бидејќи гостите се одговорни за грижата за животното, тие ќе треба да ја чистат и нивната кутија со песок. Пакетот бил направен за луѓе што размислуваат да земат маче како милениче, но не се сигурни дали тоа е вистинскиот избор за нив. Најдобриот дел е тоа што ако некое лице одлучи дека ја сака мачката со која се дружел, гостилницата ќе му овозможи да ја посвои. Но, гостинот ќе треба да помине интервју со кое ќе се утврди дали мачката и тој си одговараат.
Извор:
Bored Panda
Фото: Mycatyugawara