Зошто Финците пијат кафе повеќе од кој било друг народ во светот?

Зошто Финците пијат кафе повеќе од кој било друг народ во светот?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога помислувате на Финска, сигурно си замислувате ирваси, сауни и аурора бореалис над снежната Лапонија. Сепак, има уште едно работа поврзана со оваа нордиска земја - кафето.

Финците пијат повеќе кафе по глава на жител од која било друга нација - 12 килограми на жител, според Меѓународната организација за кафе.

Кога во јануари отидов во Финска, решив да се обидам да откријам зошто е толку добро финското кафе. Научив дека финското кафе и не е толку супериорно во споредба со кафето на кое било друго место во светот. Причината зошто Финците пијат толку кафе е комплексна, а климата и културата играат клучна улога.

Кафето игра важна улога во финската култура


Кафето се пие со секој оброк, а ако некој ви понуди, некултурно е да го одбиете. Повеќето луѓе пијат од пет до осум шолји на ден, дури и навечер (а некофеинското кафе речиси не постои).

- Во Финска велиме: „Ајде да пиеме кафе“ кога сакаме да излеземе со некој - вели Ела Такалинен, експерт за кафе на Институтот „Паилуг Бариста“.

Кафето е толку навлезено во нивниот секојдневен живот, што во договорот за работни односи се вели дека луѓето мора да направат две 15-минутни кафе-паузи во текот на работниот ден.

Постојат различни зборови за секоја ситуација:

- „Амукахви“ (утринско кафе)
- „Паивакахви“ (дневно кафе)
- „Илтакахви“ (вечерно кафе)
- „Саунакахви“ (сауна кафе)
- „Лаксиаискахвит“ (кафе за збогум)
- „Миталикахвит“ (медал-кафе, кога Финец ќе освои спортски медал)
- „Маткакахви“ (кафе за патување)
- „Валикахвит“ (кафе за избори, што се пие откако ќе гласате на избори).

кафе
Фото: Freepik

Освен што кафето игра голема улога во секојдневниот живот, исто така игра голема улога во прославите. Се сервира на која било прослава или посебен настан. Се смета чудно ако нема кафе, дури и на доцните вечерни настани.

Финска има долги, мрачни денови, па кафето им помага да останат будни


Така, на пример, во јануари, помеѓу изгрејсонцето и зајдисонцето има околу три и пол часа.

- Финска се наоѓа на крајниот екстремен дел од Европа. Во текот на зимските месеци гледаме малку сончева светлина, па потребен ни е екстра кофеин за да преживееме - вели еден фински жител.

Кафето било начин на Финска да се здружи со Западот


Друга теорија, што потекнува од 19 век, вели дека преку кафето Финска се поврзала со Западот.

Во 1809 година Финска стана автономно големо војводство на Русија и не била независна до 1917 година.

- Во културните револуции, Финците сметале дека тие биле повеќе западна земја, а не дел од источната култура. Традиционално, Русија отсекогаш повеќе пиела чај, па Финците одлучиле да пијат кафе - вели Ела Такалинен.

Фокусот е ставен на квалитетот и одржливоста


Пиењето одржливо кафе е приоритет за многу Финци.

- Поради ова, кафулињата се транспарентни во однос на изворот, состојките и начинот на работа - вели Такалинен.

Интересно е дека во Финска не видов ниту еден од големите светски брендови за кафе што ги гледате во повеќето европски градови, но има многу независни кафулиња и фински синџири.

Бидејќи Финска повеќе години е на врвот како најсреќната нација во светот, дали клучот за среќата е во едноставното пиење многу кафе?

- Јас лично верувам дека доброто кафе ги прави работите подобри - вели Такалинен.

Автор: Рејчел Хаузи
Извор: Insider.com
Фото: Freepik